Приведени новинари поради лажна вест за земјотрес во Албанија

Лажни вести за земјотреси во Албанија предизвикаа паника кај граѓаните, па реагираше полицијата.

Информациите се дека новинарите Аурел Ракиплари од „SYRI.net“ и Даниела Грица од „Shekulli“ биле уапсени поради ширење на лажни вести.

„Полицијата ги советува граѓаните да останат смирени и да не потпаднат под влијание на известувањето со други намери, а ги убедуваме оти секој кој ќе шири такви информации ќе се соочи со законот“ – се вели во соопштението од албанските служби.

Албанскиот институт за геолошки науки, енергија, вода и животна средина соопшти дека повеќе од 340 последователни земјотреси се регистрирани по земјотресот со интензитет од 5,8 степени, што го погоди Драч во саботата попладне.

Околу 600 домови, претежно изградени пред 1990 година, претрпеа штета во земјотресот, кој исто така накратко го прекина снабдувањето со вода и електрична енергија во Тирана, Драч и некои западни и централни делови, соопштија властите. Повредени се 105 луѓе.