Приватните стоматолози изоставени од владиниот сет – мерки за помош при заштитата од Ковид 19

Над 1.000 приватни стоматолози, лекари и медицински сестри од земјава, можно е да останат на улица, бидејќи оваа примарна здравствена дејност, која и онака, подолго време мака мачи со рентабилното работење, не влезе во ниту еден сет од владините мерки за побезболно функционирање во овие вонредни услови, предизвикани од Ковид 19. Според претседателот на Здружението на приватните стоматолози, д-р Жарко Ѓорѓиев, за да се испочитуваат строгите заштитни протоколи, ним трошоците им се зголемиле во просек од 5.000 до 10.000 евра по ординација, што за нив не само што било неиздржливо, туку било и погубно.

Загрижени за своите работни места, но и свесни дека зголемените трошоци ќе паднат врз грбот на пациентите, приватните стоматолози, денеска повторно побараа итна помош од државата.

Инаку, ова не е прв пат ова Здружение да бара помош од државата. Тие во ноември минатата година закажаа и протест, кој брзо го ставија во мирување. А од почетокот на Корона – кризата пак, пред неполн месец, побараа и донација во висина од 200.000 евра од Стоматолошката комора на Македонија. Меѓутоа, досега, сите прозвани, се оглушиле на нивните барања, открива за Алфа, д-р Жарко Ѓорѓиев.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста