Приватните превозници се враќаат на скопските улици
Од утре приватните превозници се враќаат на скопскиот асфалт. По денешниот состанок со Арсовска, падна договор во наредните 15 дена да се изготви стручна анализа, со која, ќе се утврди методологија, за пресмека на цената за изминат километар. Новата цена, ќе важи од први јануари.
За приватните превозници ваквото решение е прифатливо и велат дека не им прави разлика дали одлуката за новата цена по изминат километар ќе биде донесена сега или по еден месец.
„Успеавме да се договориме за 15 дена да биде изработена стручна анализа заедно со координаторите претпостаљвувам и на советничките групи ќе се најде некое оптимално решение за да може да се направи нова методологија на цената, да се ставките кои треба да бидат ставени искалкулирани и заклучно со 1. 1 2025 година ќе стартуваме со нова цена ќе се случи анекс на договорот и ќе имаме нова цена. Ќе сообраќаме од понеделник Очекуваме можно е да почнеме и од утре денеска ќе им пренесеме на колегите можно е да почнеме да возиме и од утре. Нормално сите советници беа за да ни се даде покачување“, изјави Јовица Зафировски, приватен превозник.
Советниците од власта и опозицијата и денеска се судрија околу валидноста на вчера изгласаниот заклучок со кој приватниците добија покачување од 30 денари. Советникот од СДСМ, Гордан Шутаров, рече дека нивниот предлог бил да ги задолжат службите во град Скопје заедно со надворешни ексерти да изготват соодветна пресметка на цената по која приватниците ќе возат.
Мартин Стојановски советникот од ВМРО ДПМНЕ претходно ја напушти средбата и рече дека вчерашната одлука на Арсовска да ја поништи одлуката на советот со која приватниците ќе добијат 30 денари повисока цена, по изминат километар, е нелигитимна и дека вакво нешто може да се случи само во недемократски земји.
„Ова го има во режими во државите како Северна Кореја, како во времето на Енвер Роџа и како во времето на Чаушеску во Романија. Вакво непостапување и непочитување на советот, досега немало никаде. А, за тоа се свесни и граѓаните и новинарите. Ние пристапивме кон приватните превозници и донесовме еден став за решавање на нивниот проблем привремено, до месец мај. Се понатакам денеска што се случува е само големо политиканство, и нечесни задкулисни игри на коалицијата, ДУИ, град Скопје, Левица и СДСМ“, рече Стојановски.
Инаку, хаосот што целосно го колабираше Јавното Сообраќајно Претпријатие за извесен период го решија државните 250 тони гориво, што се доволни за околу 10 денови. До каде е набавката на нови резерви Од Град Скопје не прецизираат, а одговор нема ниту од ЈСП.. Од владата пак најавија дека повторно ќе излезат во пресрет на граѓаните и доколку има потреба повторно би ги ставиле на услуга државните ресурси.
Љубиша Владимиров