Проблемот со градскиот превоз во Скопје само се продлабочува
Наместо да сe реши хаосот со градскиот превоз во Скопје, тој се продлабочува. Приватните превозници си ги бараат парите кои им ги должи ЈСП, а во Jавното Сообраќајно Претпријатие вработени се жалат на притисоци, казни и истечени договори.
Дел од приватниците повторно, јавно побараа да им биде исплатен долгот и да се договори нова цена за километар.
„Јас можам да кажам за мојот пакет долгот е околу 8 милиони и немаме фактури за месеците јули, август и септември. Имаме повеќе од 200 автобуси кои не се искористени. Ние едноставно со оваа цена не можеме да издржиме. Инфлацијата во последните 10 години е за 40% покачена. Тековните трошоци ни се енормно зголемени. Едноставно нема како да се вратиме да возиме нормално“, вели Јовица Зафировски од „Јофи Бус Доо“.
Во меѓувреме синдикалците од ЈСП се пожалија на притисоци и суспнзии. Потпретседателот на синдикалната организација при ЈСП, Меџит Идризи, вели и дека десетина лица повеќе не возат затоа што им биле истечени договорите. Бараат укинување на договорите на дело.
„Ние баравме да се укине веќе тоа договор на дело Агенцијата за привремено вработување, затоа што самата фирма плаќа повеќе средства за еден вработен преку агенцијата, отколку да биде вработен во ЈСП“, вели Меџит Идризи, потпретседател на синдикална организација при ЈСП.
Идризи појасни и дека шофер во ЈСП кој работел во претпријатието повеќе од една деценија е суспенидиран зошто возел неисправен автобус кој удрил во шахта во Драчево. Вели доколку автобусот бил во исправна состојба немало да се случи тоа. Вината ја лоцира кај надлежните, а не кај вработените кои плаќаат за неодговорноста на раководителите во службите.
Дали ЈСП има план за долгот кон приватниците и за договорците вработени кај нив не добивме одговор. Нема ниту коментар за обвинувањата дека вработените трпат притисоци.
Љубиша Владимиров