Приватни специјализанти ќе го решаваат проблемот со недостиг на лекари во болницата во Штип

Приватни специјализанти ќе го решаваат проблемот со недостиг на лекари во болницата во Штип

Вработување на приватни специјализанти, е единствениот начин за да се надмине дефицитот на медицински кадар во штипската Клиничка болница. На списокот кој раководството на болницата го достави до Министерството за здравство се најдоа околу триесетина кои специјализираат на штипскиот Универзитет. Дополнително списокот ќе се дополнува со специјализанти од УКИМ.

„Договоривме бројка околу 30специјализанти, да има евентуално вработување во нашата болница. Сега ако се одобрат тие специјализанти, следна етапа е воспоставување на контакт со нив, за да видиме дали ќе има или нема договор со нив,“ изјави д-р Владко Захариев, директор на КБ-Штип.

Недостотокот од кадар е сериозен проблем на најголемиот здравствен центар во источниот дел на државата. Најмногу недостигаат офталмолози, ортопеди, анестезиолози и гинеколози. И додека се чека на постапката за професионално ангажирање на специјализанти, недостигот ќе се решава со лекари од скопските Клиники

„Имаме договор со Клиники-Скопје за дежурства. Бидејќи имаме недостаток на анестезиолози во моментот доаѓаат лекари од Скопје. Од наредната недела ќе стапиме во контакт со Клиниката за гинекологија и акушерство за да видиме дали ќе склучиме договор со нив“, рече д-р Захариев.

Во моментот  Штипската клиничка болница има потреба од 130лекари, медицински и технички кадар. Најголемиот одлив на кадар е во приватните болници и странство, како и по основ на пензија.  Последните  вработувања беа кон крајот на минатата година , а за слободните 16 работни позиции, тогаш аплицираа повеќе од 60 лица.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста