Приватна журка го направи Кавадарци корона жариште

Кавадарци за многу кратко време стана единствено жариште на корона во Македонија во кое голем број од заболените се млади луѓе и тоа на возраст пд 16 до 30 години. Причината се летните журки и непочитувањето на мерките. Градоначалникот тврди дека таканаречениот кластер на млади не е од забавите во клубовите, туку од приватна забава која се одржала во близина на градот.

Летната забавна шема, олабавените заштитини мерки, поголемата толеранција во предизборието и по него, а најмногу од се недисциплинираноста на младите кавадарчани со непочитување на здравствените протоколи, се причините заради кои Кавадарци за кратко време стана единственото жариште на Короната, исклучиво на млада популација од 16 до 30-годишна возраст, сметаат кавадарчани.

На истото мислење е и „таткото“ на градот, градоначалникот Митко Јанчев, кој вели дека веднаш по рапидниот раст на бројот на заразени млади лица, Општината и Кризниот штаб ги презеле сите дополнителни неопходни мерки за сузбивање на заразата. Тој тврди дека новиот кластер на заразени млади луѓе не бил од журките, организирани во Клубот „Рома“, од кои кружеа видео-записи на социјалните мрежи, туку дека бил од извесна приватна забава во населено место близу Кавадарци и дека истиот веќе бил ставен под контрола.

Инаку, само во последниве неколку дена, во Кавадарци, Ковид 19 беше детектирани кај 15 млади луѓе. За среќа, во текот на изминатово деноноќие, откриен е само еден позитивен случај, а пациентот е на 20-годишна возраст. Во меѓувреме, повозрасните кавадарчани бараат повторно воведување на поригорозни мерки.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста