Притисокот станува се поголем- ќе ги прекине ли Заев преговорите со Бугарија?

Колку и да се обидува Заев да го смири тонот, со цел да постигне договор со Бугарија, станува се поголем притисокот за прекин на преговорите со источниот сосед. Последните изјави на премиерот, како и бугарските уцени и условувања, предизвикаа бура реакции, и кај граѓаните, но и кај експертите и аналитичарите.

Последен кој побара од власта да не ги прифаќа бугарските барања е поранешниот потпретседател на СДСМ, Зоран Јовановски. Во статус на Фејсбук, тој пишува дека Бугарија нема поддршка од САД, и од другите земји членки на Европската Унија, па притисокот сега бил врз нив, не врз Македонија.

-Грешката што сега може да се направи е да се  прифати нешто (патоказ, анекс, било што) со што барањата на Бугарија би се внеле во преговорите, односно тие барања би станале дел од условите во преговорите. Со тоа, барањата на Бугарија, од нејзин проблем би станале проблем на ЕУ, а со тоа и наш. Тоа би била голема грешка што нема да може да се поправи, без оглед на почетокот на преговорите, пишува Јовановски.

Прекин на преговорите со Бугарија, бара и универзитетската професорка Мирјана Најчевска, која важи за голем поддржувач на политиките на власта предводена од Зоран Заев.

-Треба да ги замрзнеме односите со Бугарија се додека не:

-расчистат со своето комунистичко минато

-расчистат со своето фашистичко минато

-расчистат со Санстефанските аспирации 

-престанат да употребуваат говор на омраза

-почнат да ги почитуваат меѓународните конвенции кои ги ратификувале, пишува Најчевска.

Додека речиси сите бараат Македонија да престане со потчинувањето пред бугарските уцени, премиерот прави сосем обратно. Неговите ставови искажани во интервјуто за Бгнес, ги зголемија и апетитите на Бугарија. Членот на мешовитата историска комисија од бугарска страна Кирил Топалов, изразува зачуденост што македонските историчари не ги прифаќале ставовите на премиерот.

-Се надевавме по интервјуто на нивниот премиер дека сакаат да се променат. Но видовме дека комисијата е далеку светлосни години што е многу чудно за нас. Државна комисија што не ги прифаќа тезите на премиерот и на поголем дел од владата е чудна работа. Очигледно комисијата продолжува да им служи на старите југословенски тези, старите тези на Тито, пишува Топалов.

Инаку, најновите барања на Бугарија задираат директно во македонскиот идентитет, а ова беше потврдено лично и од Заев. Бугарските историчари сега бараат да се избрише придавката „македонски“, односно македонската историја да не се нарекува македонска, туку историја на Република Северна Македонија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста