Притисок врз средношколците пред протестот за чист воздух

„За последиците не одговарам! – Вака директорката на средното скопско училиште „Никола Карев“ им се закани на учениците што сакаа да ја бојкотираат наставата, а со цел да упатат јасна порака до надлежните „итно да се преземат мерки за загадениот воздух“.

Алфа тропна на врата, за директорката лично да ни објасни што довело до вакво однесување и зошто истото било неоходно, но нејзината канцеларија беше заклучена. Одговор на прашањата на Алфа одби да даде и нејзината помошничка, под изговор оти брзала за на час.

Направивме обиколка на средните скопски училишта. Ниту еден директор не беше на работното место. Расположени за разговор со нас беа само учениците кои обвинија дека поради притисоци не им се дозволило да ги споделат нивните апели и да го искажат својот револт.

-Во нашето училиште не се одржа бојкот, бевме изманипулирани. Иако имавме состанок со директорката и заеднички се договоривме, денеска во знак на револт на учениците поради загадувањето, настава да нема, а да имаме и мал протест во холот или училишниот двор, ма денеска директорката ја нема, не сакаше ниту да разговара со нас, вели ученик од средното училиште „Јосип Брос Тито“.

-По ова не можевме да организираме целосен бојкот, вели ученик од средното училиште „Јосип Брос Тито“.

Сепак, средношколците се надеваат дека нивните пораки ќе стигнат до ушите на надлежните, па оваа иницијатива ќе вроди со плод.

-Од нешто мора да се започне, па макар да е тоа и мало нешто, па институциите и надлежните што треба да реагираат ќе се разбудат. Мора да пробаме, вели средношколец од средното училиште „Георги Димитров”.

-Воздухот е навистина загаден и ни пречи. Особено на мене, загадувањето го чувствувам во грлото, бидејќи имам и намален имунитет. Тешко дишеме кога сме надвор, нешто мора да се превземе во врска со загадувањето, вели ученик од училиштето „Георги Димитров”.

Средношколците велат оти нивните пораки не смее да се користат или поврзуваат за политички цели.

Иако беа спречени да бојкотираат, учениците апелираат до надлежните, час поскоро да преземат мерки за намалување на загадувањето.

Сања Трајковска Ставров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста