Пристигнаа кинеските вакцини, од вторник се отворааат уште шест вакцинални пунктови

Прва сериозна бројка на вакцини доби Македонија. Долго очекуваните двесте илјади кинески вакцини на “Синофарм” конечно пристигнаа во земјава. Со овие дози се планира од вторник да се засили темпото на имунизација ширум државата, со тоа што ќе се отворат шест регионални центри за вакцинација. Очекувањата на  здравствените власти се дека од 10 до 15 илјади граѓани дневно ќе се вакцинираат. Но и покрај тоа, граѓаните и натаму нема да можат да бираат која вакцина сакаат да ја примат.

„Во големите пунктови ќе има од сите вакцини. Следната недела од кинески и вакцини на „Фајзер“ Но, мислам дека нема потреба да се става акцент на тоа да се бира вакцина, сите се со еднаков квалитет. Нема никаква контраиндикација. Каква вакцина има во пунктот во тие часови кога е предвидено да се вакцинираат граѓаните може комотно да ја примат без да бидат загрижени и да размислуваат дали да се вакцинираат со една или со друга вакцина“, рече Филипче.  

Според, кинескиот амбасадор Ѕуо оваа пратка на вакцини претставува пресвртница во солидарноста меѓу двете земји во борбата против пандемијата.

„Побарувачката за вакцини во Кина останува огромна. Како и да е, Кина наоѓа начини да обезбеди поддршка на земјите во неволја, вклучително и Македонија, за заедничка заштита на животот и здравјето на луѓето во земјите. Драго ни е што кинеските вакцини можат да придонесат во напорите за вакцинација на луѓето од Македонија“, кажа Амбасадорот на Народна Република Кина н.е. Џанг Ѕуо.

Со овие дози на “Синофарм” приоритет за имунизација ќе имаат граѓаните пријавени преку сајтот vakcinacija.mk. според возраста и според приоритетот на пријавување.

Во наредниот период треба да стигнат уште 500 илјади вакцини на „Синовак“ и дополнителни 100 илјади кинески од „Синофарм“, како и уште 26 илјади од „Фајзер“.Се уште нема точен термин за тоа кога и колкава количина ќе стигне од руските вакцини, а станува се понеизвесно пристигнувањето на вакцините на „АстраЗенека“ имајќи ја предвид состојбата со вирусот во Индија.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста