Пристигнаа 24.000 вакцини „АстраЗенека”, први ќе се вакцинираат 20.000 лица над 75 години
На аеродромот во Скопје денеска пристигнаа 24.000 дози вакцини на производителот „Астра Зенека“ преку Ковакс механизмот. Со нив вакцинацијата треба да започне в среда во вакциналните пунктови во здравствените домови.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека со овие вакцини први ќе се вакцинираат 20.000 лица над 75 години со хронични болести. Тој додаде дека според местото на живеење ќе биде направена дистрибуција на вакцините во вакциналните пунктови во здравствените домови.
- Оваа вакцина што се чува на температура од 2 до 8 степени, што значи во буквално секој град може да се чува и да се дава понатаму, изјави Филипче.
- За жал е еден систем кој очекувавме да профункционира многу порано, но едноставно се случи прозводителите не можат да ги задоволат потребите на сите земји. Овој систем беше наменет за еднаква дистрибуција. Најава за следните дози се согласно најавата за КОВАКС системот. Тоа што сега го знаеме е дека во месец април треба да пристигнат до 100 илјади дози, односно дополнителни 76 илјади дози од вакцината „АстраЗенека“, рече Филипче.
Вакцините на здравствените власти денеска им беа испорачани во присуство на дипломатскиот кор и претставници на СЗО и УНИЦЕВ.
Покрај дополнителните 76.000 дози преку ковакс системот, како што рече, вчера имавме добри вести и од ЕУ, во април треба да пристигнат и други вакцини од Кина, што значи дека сите пријавени како ризични категории според приоритеите ќе бидат повикувани преку овој систем, како што ќе доаѓаат вакцините, а место за масовна имунизација ќе биде салата „Борис Трајковски”.