Прилеските музичари цела година изземени од сите пандемски протоколи, го креваат својот глас

Над 100 музичари од Прилеп, цела година се оставени на работ од егзистенцијата, како последица од нивното изземање од сите досегашни пандемски протоколи за работа. Не можејќи повеќе да ја издржат беспарицата, повеќе од половината од нив, саминицијативно организирајќи се, го кренаа својот глас. Бараат, Владата итно да донесе протоколи за работа и за нивната бранша. Во спротивно се закануваат со блокади на Плетвар.
„Останати сме без работа една година. Никој за нас ништо не се секира…Значи, без политички заднини си бараме само, ако може да заработуваме за егзистенција на нашите фамилии, ништо повеќе…Многу тешко се снајдуваме и мислам дека потешко уште иди..Мислам дека многупати бевме изманипулирани од другиве музички здруженија…некои музичари добија некоја помош од пакет, некој од Владата, мислам во Прилеп дека беа максимум десет души што ја добија таа помош… Имаше селекација, и кај нас настана револт – кој ја прави таа селекција, значи некој од Скопје, од некое Музичко здрижение, и тој треба да одбере кој ќе земе пари…“, – ни изјави за Алфа, долгогодишниот музичар од Прилеп, МАРЈАН ТРАЈКОВСКИ.
Гордана Костоска пак, е млад естраден уметник која со музичка дејност професионално се занимава веќе 12 години. Таа вели дека последнава година, финансиски многу тешко издржува. Се обидувала да најде и друга работа, но се било безуспешно.
„Се обидов да барам работа, и на „Огласи“, и на „Вработување мк.“, но навистина е минимален одѕивот некој да ме побара за интервју, или ако имаш некој што ти е пријател, или некаде некој да те препорача..исто така, доста лоша е работата што до 29 години, половина државата плаќа придонеси, а над 29 години, треба газдата фул придонеси да плати, ретко кој од газдите се нафаќаат да ти платат фул придонеси, а притоа секој ти бара искуство, а ние тоа искуство го немаме, зашто сме биле во некоја друга бранша“, – вели ГОРДАНА КОСТОСКА – естраден уметник од Прилеп.
Свесни дека заради енормно брзото ширење на пандемијата, тешко можат да очекуваат некакво чудо, но велат барем навреме некој од надлежните да почне да мисли и на нив.
„Излезе дека како ние да сме изворот на зараза. Еве, една година ние не свириме, и не се прават свадби, и не се свири по ресторани, по кафулиња, а исто бројките сите..Не знам како ќе се издржува, секој бараме алтернативни начини како да заработиме за да преживееме“, – додава Марјан Трајковски.
По однос на ова, вчера министерот за здравство, одговарајќи на новинарско прашање, побара разбирање од оваа фела и им порача, засега да не се надеваат на никакво попуштање на рестрикциите.
Каролина Дурло