Прилепските скривници – јавни депонии и мета на крадци и бездомници

   Обраснати влезови без врати, купишта ѓубре, пцовисани животни. Тоа е денешната слика на прилепските скривници, изградени уште во минатиот век, во близина на центарот од градот. Обидот да влеземе внатре ни остана безуспешен. Од околните жители бевме предупредени дека освен што е крајно нечисто и темно, во дел од нив имало и поголема количина вода. Велат, не памтат од кога не биле исчестени, а уште помалку соодветно заштитени.

   „Состојбата со овие една, две, три четири скривници е многу лоша, затоа што кога ќе влезеш внатре има ходници, а лево многу е влажно. Знам јас деца дури бевме, внатре игравме со скокалиња. Сето е зганасено внатре“, – ни рече Кирил Велкоски.

  „Онде се фрла се и сешто, плус идат дечиња малиод другите улици, велгуваат.  Ќе ме прашаат- бабо Менче што има овде ? Јас им велам – не влегувајте. Во скривницине се и сешто има, одовде влегуваат, одонде излегуваат. Не дај Боже може дете да падне, да се убие, ќе го бараме, не ќе знаеме кај е. Јас не знам овде колку години сум со куќава, никогаш не се исчистени“, – објаснува Менче Пејоска.                               

   Точниот број на скривниците никој не можеше со сигурност да ни го каже. Ни беше речено дека тоа е мрежа од подземни ходници во кои некогаш имало и струја, а и соодветен инвентар. Но, сега, со години биле препуштени на забот на времето.

    „Јас како што се сеќавам на времето имаше и сатови, имаше и осигурачи, сето беше осветлено. На секое имаше и како столбчиња, четвртасти, барем јас како што заклучувам, за потседнување, ко камари имаше, ама сето се руши. Значи, овде една, две три се функционални, од една до друга може да се влези, а до четвртата не може да се оди оти е падната куќата, пропадната е внатре“, – раскажува Кире Велкоски.                         

  Инаку, со одлука на Владата од 2005-та година, дел од засолништата кои дотогаш припаѓале на Министерството за одбрана, се доделени на трајно користење на Дирекцијата за заштита и спасување. Алфа праша и таму, каква е состојбата со прилепските засолништа, колку се на број, каква е нивната функционалност и дали ДЗС, односно државата размислува за оспособување на скривниците, особено сега по избувнувањето на Руско-украинскиот воен конфликт ? Меѓутоа, иако ни беше ветено дека ќе добиеме одговор на нашиот меил, до овие вести тоа не се случи.    

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста