Прилепските гимназијалци полугодието ќе го завршат со он-лајн настава, реновирањето на училиштето не се знае точно до кога ќе трае

Учениците од прилепската Гимназија „Мирче Ацев“, која е единственото општинско училиште во кое наставата започна, а и се уште се одвива он-лајн, на далечина ќе учат уште најмалку два месеци. Реновирањето на училиштето кое започна дури пред самиот старт на учебната година, се уште е далеку од готово, па услови за физичко присуство на учениците, едноставно нема, иако очекувањата беа дека гимназијалците ќе се вратат во клупите веќе од ноември. Новото пролонгирање на наставата без физичко присуство, повторно ги налути родителите. Нашата соговорничка, која сакаше да остане анонимна за јавноста, е мајка на двајца гимназијалци и таа тврди дека тие како родители не биле конкретно информирани до кога точно нивните деца ќе учат он-лајн. Стравуваат дека тоа може да се одолжи и во второто полугодие.

  „Јас сум и во Совет на родители, никој не ни кажа ништо. Се што учам, го учам преку децата..не ни кажаа ништо, не не викнаа…ниту родителите знаат, ниту Совет на родители беше викнат, ни ништо, буквално ништо“, – вели нашата соговорничка.

    Оваа загрижена мајка смета дека местото на учениците им е во клупите и дека со реновирањето требало да се започне многу порано.

   „Сите одат на училиште, а само нашите деца седат дома…Тие се дружат после, цело време се заедно само што немаат навика ни за учење, ни за читање, ни за почитување правила, ни за ништо..Мора да одат на училиште…ако не одат на училиште, што ќе бидат понатаму…Не можат ни да ги видат своите професори, абер немаат кој е нивниот професор, само го слушаат“, – категорична е таа.

    Директорот на Гимназијата, Димче Настески, ни потврди дека наставата во ова најпрестижно и најстаро средно училиште во Прилеп и во наредниот период ќе продолжи да се одвива он-лајн. Тој вели дека станува збор за крупни реконструктивни работи чие завршување бара време и уверува дека се’ било според предвидените план и динамика. А, причината што доцна се почнало со реновирањето, според него била неколкукратно оспорената тендерска постапка околу изборот на изведувачот, па наместо од април се почало дури во август.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста