Прилепски „Комуналец“ со наследен долг од безмалку 820.000 евра и петкратно повисоки сметки за струја, интензивно чисти диви депонии

       Со наследен долг од речиси 820 илјади евра, со енормно зголемени цени на нафтата и на резервните делови за неопходната механизација, а најмногу од се’, со дури петкратно зголемените фактури за струја, прилепски „Комуналец“, само во последниве два месеци успеа да исчисти над 10 големи диви депонии кои не биле чепнати во последниве две години. Оттаму реагираат дека со вакви трошоци, а без помош од државата, тешко ќе успеваат да ја одржуваат рентабилноста на претпријатието. Но, сепак, велат дека за евентуално покачување на цените на комуналните услуги, засега не размислуваат.

   „Ние трошиме гориво и работна рака. Со новите сметки за струја во прашање е работата на ЈКП „Комуналец“. Многу голема количина на средства трошиме на електричната енергија, наместо да ги користиме за тековното работење. Најмалку за пет пати се зголемени. Последната сметка е некаде околу 800.000 денари. Потоа нафтата, а и резервните делови. Ние имаме и многу возила, секој дефект ние мораме да го санираме. Цената на резервните делови е покачена. Се бориме, од ден за ден“, – посочува директорот на ЈКП „Комуналец“, Рубин Абрашоски.

    Според Абрашоски, помошта од ЛС, а уште повеќе од државата била неопходна, бидејќи вака, а и плус со покачувањето на минималната плата, немало да се издржи. „Ние, апсолутно не сме против покачувањето на минималецот, но работиме со лимитиран буџет и овој дополнителен товар може да биде погубен за нас“, – објаснува Абрашоски.

  Каролина Дурло     

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста