Прилепски „Комуналец“ бара на работа да се вратат родителите со деца под 10-годишна возраст?!

Се спроведуваат ли доследно мерките на Мнинстерството за здравство донесени пред 14 дена, а кои се однесуваат на платеното отсуство од работа на еден од родителите кои имаат деца под 10-годишна возраст ?! Група вработени во прилепското ЈКП „Комуналец“, која плашејќи се за своите работни места сакаше да остане анонимна, реагираше до нашата Редакција, дека во текот на вчерашниот ден, родителите кои имаат деца под 10-годишна возраст и согласно одлуките на МЗ се ослободени од работните обврски, биле контактирани телефонски за од денеска да се вратат на работа.Според кажувањата на некои од нив, образложението од страна на претпоставените за барањето за враќање на работа било дека претпријатието трпело финансиски штети што во иднина би го довело во прашање и исплаќањето на платите.

Директорката на „Комуналец“, Ирена Станкоска, која се наоѓа во самоизолација, па ја контактиравме телефонски, ни потврди дека во текот на вчерашниот ден било побарано од родителите денеска да се јават на своите работни места, но, според нејзиното образложение, тоа било побарано бидејќи добар дел од нив или немале комплетна документација, или не им биле потпишни решенијата, а имало и случаи каде наведените информации биле лажни, со што можноста за седењето дома, била злоупотребена, посочи Станкоска и додаде дека ваквите случаи ќе биле испратени до повисоките надлежни инстанци. Според Станкоска, од вкупно 380 вработени, во моментов на работа не оделе 70 лица, кој заради малите деца, кој заради постоењето на хронични болести, а меѓу нив имало и брачни парови.

Исто, во текот на овој период и теренските комунални работници, кои и понатаму работат со полно работно време, бараа истото да им биде скратено. Станкоска пак, се правда дека тие го имале тоа право, пред се’ заради ризикот по нивното здравје, но, само доколку подигањето на сметот го завршат порано. Во исто време дури, како што појаснува Станкоска, комуналците- теренци интензивно работат и на обновата на парковите, за како што рече, во градот да се зачувале позитивната енергија и слика.

Инаку, министерот Филипче, одлуката за 14-дневно платено отсуство на родителите од работа ја соопши на 10-ти март и истата истече вчера, но таа останува на сила се’ до донесувањето на нова одлука, информираа од МЗ.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста