Прилепската итна помош и покрај сите ветувања, останува да работи во субстандардни услови во еден век стариот објект

Руинирани простории со ѕидови кои се распаѓаат и без соодветно загревање. Студен ходник во кој, во време на пандемија која е во експанзија, неретко се прегледуваат и пациенти. Без соба за изолација за преглед на Ковид- пациентите, тие пак, се прегледувале или надвор, или во ходникот, или пак во едно од амбулантните возила, што е недостоинствено и за пациентите, но и за лекарите. Ова е сликата на прилепската Итна медицинска помош која работи во објект кој е стар еден век.

„Кога почна пандемијата „Ковид 19“, ние бевме организирани со изолација на пациентите во посебна кола-комбе, исклучиво за преглед на пациенти и носење до Болница на пациенти од Ковид 19, сметајќи на тоа дека се стоплува времето и дека ќе биде лето и така функциониравме. Ама сега, пандемијата продолжи  и продолжува нашата голгота…Не е достоинствено, затоа се залагаме да се оспособи таа амбуланта“, – објаснува д-р Петровска.

  Ништо од ветувањата дека Службата ќе биде преместена во Здравствениот дом, па петте медицински екипи, продожуваат да работат во само трите, веќе руинирани простории. „Сега за сега е статус-кво. Немам никакви информации, сега останува како што е“, – вели началничката на Итната помош, д-р Снежана Петровска.

 Со околу 30 повици дневно, со сериозен недостиг од лекари, дел од лекарите во Итната помош се жалат дека имаат проблем и со насушно-потребната заштитната облека. Маските и скафандерите се преперувале, визири немало доволно, а недостсувале и дезинфекциски средства. Помош се бара од донатори.      

„Пак апел мој до компаниите. Ако имаат маски, визири, заштитини одела, добредојдени се во нашата Служба…Заштитните облеки се перат, имаме машина, се користат повеќекратно“, – посочува началничката д-р Петровска.

Вработените во Итната помош немаат користено ниту годишни одмори, ниту пак боледувања, а од февруари не им била исплатена ниту хранарина за третата смена, иако законски им следувала, се жалат дел од лекарите. Иста била состојбата и со работните униформи, кои не биле набавни подолго време, па секој се снаоѓал како знае и умее. Прилепската Итна медицинска помош, која опслужува и неколку соседни општини, работи со 10 лекари, по двајца во смена, а потребни се најмалку 16. На располагање има три амбулантни возила кои ги набави претходната власт.   

 Каролина Дурло