Прилепската Болница ќе го редуцира бројот на лежечките пациенти со други заболувања за сметка на болните од Ковид ?!

       Дали неподготвеноста на здравствените власти да се справат со  новиот, а очекуван бран на новозаразени со Ковид 19, во време кога секаде по болниците се бара кревет повеќе, ќе го доведе во уште поголема опасност здравјето на граѓаните кои веќе боледуваат од други заболувања ?! Инфективните одделенија се преполни, најавените монтажни болници никаде ги нема, а болниците се оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат. Па така, прилепската Болница, проблемот ќе го решава со редуцирање на бројот на лежечките пациенти со други заболувања за сметка на болните од Ковид ?!

    „Спрема моите согледувања, со оглед на влошувањето на состојбата и зголемувањето на бројот на заболени од Коронавирусот, ќе мора и во одделенијата да се редуцира лекувањето на останатите пациенти, заради да може да одговориме на барањата и да одговориме на недостигот од здравствен пероснал со одредени редукции и измени во сменското работење“ – вели директорот на прилепската Болница, д-р Драган Богоески.

       Граѓаните пак, поделени во своите размислувања околу исправноста на ваквата одлука на менаџерскиот тим на прилепската Болница.

      „Јас мислам ептен некој што се итни случаи, тие мора да се примат. Ако е полесно – да, ама ако е потешко, мора на Болница да оди“, – вели еден повзрасен прилепчанец.

     „40 години работев в Болница, одеше на добро. Сега в пензија сум. Сите – кој на плочата, кој на клинецот. Тешко на младите…“ – вели друг граѓанин.

     „Ова држава е шута работа. Сите тие политичарите се родени на шест и пол месеци, нема ни седмаче, ни на девет. И нема логика никој, ни па почнува нешто да направи.за да дојдеме до некој степен. Така сиромаштијата ќе си проумри, немајќи пари за лекување или од глад“, – посочува друг прилепчанец.

    „Мислам дека не би требало така да биде. Треба да се направи болница – специјална за Ковид, да не се мешаат болните што се во болницата со другите болни. Сето е тоа предвидено, само требаше да се направи монтажна болница.“, е мислењето на друг граѓанин.

   „Тие требаше совреме да го направат она што беше Заразно, старото Заразно, а тоа не чинеше многу, само да го реновираа. Од дома тешко, ако падне тешко, кој ќе го прегледа ?! Еве, јас некни бев, чекав на закажано три часа“, – реагира повозрасен граѓанин.

Инаку, капацитеот на Инфективното одделение во прилепската Болница од поодамна е преполнет, а пред извесно време, началничката на Одделението, се пожали дека повозрасните пациенти со потешка клиничка слика, не им ги примаат во други болници, бидејќи и самите биле преполни. Поселдниов период, Прилеп е еден од градовите, кој постојано има високи двоцифрени бројки на новозаразени граѓани и со вкупен број од дури 50 граѓани кои ја загубиле битката со Коронавирусот.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста