Прилепчани не се чувствуваат безбедно, бараат поголема одговорност од полицијата ?!

       Насилство, тепачки, дрога, кражби, штитење на одредени криминални групи се само дел од забелешките на прилепчани околу безбедносната состојба во градот, а за која подолго време гласно се молчи. Последната кражба на маслото од канабис од Фабриката за марихуана во крушевско Алданци, според прилепчани, била само уште еден доказ за, како што велат, неспособноста на МВР, вклучително и на прилепската ПС и нејзиниот прв човек.

 „Полицијата е крива…Кај што треба со ургенции работат, не си ја брка работата, ретко полицајците ја бркаат работата како што треба…Голема спрега постои, со полицајците седат кримиминалците, не знам дали си ги делат парите, ама не верувам дека не си ги делат…Овој главниот што е министерот Спасовски треба да ја фати работата како што треба оти од ден на ден работава паѓа на нула“, – ни рече еден прилепчанец.

 „Многу работи се случуваат, сите остануваат така незавршени….Онаму да се украдат стотина шишиња при обезбедување, тоа како може да се случи…?!“ – прашува друг прилепчанец.

 „Униформираниот дел, јас мислам дека не ја извршува добро задачата…Имаме овде началници, такви службеници кои што се задолжени за тие надлежности и сигурно дека тие би требало да преземат нешто што би требало да биде дисциплина, ред…Не би сакал да спомнувам имиња, но сигурно дека има спрега, факт е дека дрогата е доста присутна во нашава средина, тие кражби што се случуваат бутици, продавници се присутни“, – објаснува друг граѓанин.

   Дека безбедносната состојба станува се поалармантна, алармираше и градоначалникот Борче Јовчески кој побара ингеренциите врз ПС Прилеп да ги преземе МВР.

   „Сведоци сме во последно време дека градот е претворен во место каде што царува  криминал, насилство и беззаконие…Оружје, дрога, запалени возила и насилници го преплавија градот, а вакво нешто е едноставно недозволиво…Јавно прашувам, до кога одговорните службени лица ќе го дозволуваат ова однесување на поединци кои демонстрираат сила и моќ во градот, а со тоа го загрозуваат слободното и безбедно движење на сите мои сограѓани“, – изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

  Инаку, во Прилеп се уште има бројни неразјаснети случаи од пред повеќе години. Помеѓу нив се и двете бомби постеани во кафулиња во градот уште пред три години, а исто така до крај не е расветелен ни случајот со заплената на дрогата на Плетвар, а во што беше инволвиран и тогашниот прв човек на ПС, Кире Спиркоски – Чипсиот.

  Каролина Дурло        

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста