Прилепачани денеска го празнуваат Коледе, а вечер Бадник

       Носејќи ја Исусовата пештерка и пеејќи ја радосната предвесничка, божикна песна „Вечниот Бог“, најмладите прилепчанчиња, утринава коледарски го најавија престојното Рождество на Богомладенецот Исус Христос. По неколкугодишен прекин на оваа традиција, на Камената бина во центарот на градот, коледарчињата повторно беа дарувани со новогодишни колетчиња од страна на  градоначалникот, Борче Јовчески. Според отец Веле Спиркоски, повторното востановување на „Бадниковите поворки“ има огромно значење за зачувувањето на нашата православна вера.

  „Коледарчињата и оние кои што ја пеат песната „Вечниот Бог“ се праслика на самите ангели и овчарчињата кои што го објавиле Христовото Рожедство кога се родил нашиот Господ Исус Христос…Со правењето на овие „Бадникови поворки“….е една мисија на нашата МПЦ да повикаме на она што е паганско, она кое што не е добро и се провлекло во нашата вера како нешто што не суштетсвува во православието, лека полека да се искорени и на чист вистински, православен начин да ја славиме и да ја сведочиме нашата вера“, – рече отец Веле Спиркоски.

    Чествувањата по повод утрешниот празник, Божик, продолжуваат вечерва кога во секој дом се поставува Бадниковата трпеза, која е исклучиво посна, а сите членови од семејството „бадникарат“ во исчекување на радосната вест за раѓањето на Господ Исус Христос.

   „Гравче, кора со оривче, посна сарма, од блако – баклавам правам, тиква…лепчето го правам со паричка и вечерта кога ќе седнеме да вечераме, сопругот го зема, го врти трипати, го крши, го дели, прво за Господ, за куќата и со ред, според годините, на сите ни дава по едно парче..Како девојче, кај мајка ми, за Василица паричката ја вртевме. Откако се омажив, свекрва ми имаше обичај за Бадник и сега јас ги практикувам и двата обичаи, прво Бадник, па после Василица“, – вели Лиле Ацеска од Здруженоето „Преродба“.

    Инаку, синоќа низ Прилеп, по двегодишен прекин, на повеќе места гореа и Коледарските огнови, традиција која прилепчани ја практикуваат од памтивек.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста