Прилеп продолжува да руши црни ковид – рекорди

Ковид-бурата во градот под Марковите Кули, не стивнува. Со безмалку 330 починати од почетокот на пандемијата и со секојдневен огромен број на новозаразени, Прилеп останува на врвот од црната скала. Прилепчани пак, како веќе да се навикнаа на ваквата состојба. Признаваат дека се вознемирени и испаничени, велат дека максимално ги редуцираат контактите, но причината за ова, сепак, главно ја гледаат во нив самите.

„Не се чуваме, не се вардиме, не почитуваме ни мерки….Тоа клопчето кога ќе се замота, после тешко се одмотува, знаете како оди..од еден, на друг, на трет и дури да се сузбие тоа –време треба…Оваа работа не е за туку-така да се гледа површно, навистина е сериозно..Во гужви никако влегување, по потреба појди, земи нешто што ти треба и бегај…“ – вели еден повозрасен прилепчанец.

„Прилеп е најоптоварен, затоа што сите се тутунари, бе…Сите се на грбот испотени. Сите што се на грбот испотени, сите се Корона…Во Прилеп овде, нема персонал, се гледа – малце се доктори..простор, што ако има простор, кога нема доктори..?!“ – констатираше наш друг сограѓанин.

„Јас ја прележав Короната и многу сум уплашена сум за тие што не ја прележале…Сите да си водат сметка за да не се доведат во позиција да бидат заразени, макар што не можеме да се дочуваме, не знаеме од која страна може да не нападне…“ – порачува следната наша соговорничка.

Според градоначалникот Илија Јованоски, со ваков драматичен подем на заразата, Прилеп најверојатно ќе бидел и првиот град кој ќе се стекнел со колективен имунитет.

Инаку, и денеска, Ковид-одделите во прилепската Болница се полни. Според директорката на Болницата, Кети Смилеска, во моментов, хоспитализирани се 116 пациенти, од нив 93 се на кислородна поддршка, а слободни се 14 кревети.  Во Дневната болница се лекуваат 118 пацинети, а Модуларната болница се уште не е во функција. Денеска починале тројца пациенти.

Освен ова, во изминативе денови, бројни се реакциите на социјалните мрежи каде прилепчани се жалат на несоодветните услови за лекување на хоспитализираните пацинети и токму тоа го наведуваат како една од основните причини за загрижувачката смртност.

Каролина Дурло   

                                                                                        

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста