Прилеп, по 15-ти јубилеен пат го одбележа својот патрон-празник „Св. Никола“

Со утринска, празнична божествена литургија во црквата „Св. Благовештение“ и со пладневното прережување на славскиот колач пред Параклисот „Св. Никола“ во центарот на градот, прилепчани денеска, по 15-ти, јубилеен пат ја одбележаа Градската слава „Св. Никола“. Годинашниот домаќин, локалниот бизнисмен Тони Тарунџиоски, на трпезата на отворено, своите сограѓани ги почести со традиционалниот светиниколски ручек: грав, сарма, риба и маслинки, притоа придржувајќи се до препорачаните здравствени протоколи.

Благодарение на Бога и на патронот на Прилеп, денеска сум домаќин на големиот празник на Прилеп, „Св. Никола“ и се надевам дека оваа година за сите ќе биде многу подобра и на сите ви посакувам се’ најдобро“, – рече годинашниот кум, бизнисменот Тони Тарунџиоски.

За наредната година кумството го презеде, Гордан Бошкоски, исто така, познат бизнисмен од Прилеп.  

„Она што како традиција претходно доби една голема афирмација, ќе се потрудиме како домаќини во наредната година, само да ја продолжиме традицијата, да ја надградиме и со верба во Бога да се надеваме дека ова зло кое што глобално ни се наметна во светсски рамки, нема да го имаме до година.“ посочи новиот кум, Гордан Бошкоски, бизнисмен од Прилеп.

По повод Градската слава, а која за прв пат беше востановена уште во 2005 година, присутните сограѓани ги поздарви и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

И покрај предизвиците кои ни ги донесе Ковид-вирусот, сепак се собравме на еден скромен собир, почитувајчи ги протоколите да му оддадеме почит на нашиот патрон на градот, „Св. Никола“. Како што умеат да кажата прилепчани, на денешен ден секој прилепчанец го празнува својот празник, или чекајќи слава во својот дом, или пак одејчи на гости. Традицијата претставува идентитет на секоја држава“, истакна градоначалникот Борче Јовчески. 

Денешните празнични чествувања, со своја пригодна беседа, ги благослови и надлежниот архијереј, митрополитот г. Петар.

„Ако „Св. Николај“ бил образец на верата и на кротоста и учител на воздржувањето и ние да бидеме тоа, зашто нашето отпадништво од Бога и неверување во Бога и неисполнувањето на двете најголеми заповеди е она кое што нас не доведе во оваа ситуација денешна да бидеме како народ и нација“, кажа митрополитот г. Петар.

Благодарение на овој празник, Прилеп и Македонија во 2008 година влегоа и во Гинис со најголемата порција светиниколски сармички, сите со големина на лешник.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста