Преживеаните во несреќата кај Ласкарци заборавени од властите

„Властите не излажаа дека ќе ни помогнат“, реагираат граѓани што се превезуваа во автобусот на патот Скопје – Тетово на кобниот 13 февруари, што се здобија со тешки повреди. Наместо пари од државата, добија само празни ветувања. Тие се обратија до редакцијата на Алфа, но се плашеа да говорат пред нашиот објектив и иако споделија дека сите здравтсвени услуги самостојно си ги плаќаат, сакаа да останат анонимни.

Паричната помош за повредените во сообраќајната незгода кај Ласкарци останаа само одлуки ставени на хартија. Ним им беше ветена еднократна парична помош од Град Скопје во вредност од 30.000 денари.

И општината Гостивар донесе одлука да им помогне со 15.000 денари.

-Оваа помош е во знак на солидарност кон настраданите во трагичниот настан, кон семејствата на загинатите и на повредените во автобуската несреќа на автопатот Скопје-Тетово. По 30.000 денари ќе добие семејство на настраданите, а по 15.000 денари ќе добијат повредените, стои во образложението на советниците.

Од Владата информираа дека ќе бидат ослободени од плаќање партиципација при користењето на здравствени услуги.

-Владата ја разгледа и усвои Информацијата за ослободување од обврската за плаќање на учество, односно партиципација при користење на здравствените услуги од страна на повредените патници во сообраќајната несреќа која се случи на патот Скопје -Тетово, кај селото Ласкарци, во знак на солидарност и сочувство со фамилиите на починатите и повредените, соопштија од таму.

Ништо од ова не е остварено, вели за Алфа повредена во несреќата.

За гостиварскиот автобус на „Дурмо Турс“ излета од автопатот Скопје-Тетово кај селото Ласкарци на 13 февруари обвинителството констатира дека причината за несреќата се неисправност на возилото брзо возење. Истрагата утврди дека возачот во еден момент поради големата брзина загубил контрола и излетал од автопатот. Пробал да закочи кога удрил во оградата на патот, но поради неисправност на сопирачките и големата брзина не успеал, па заврши во провалијата.

Возачот, сопственикот и раководителот на „Дурмо Турс“ заработија притвор, сега се дома, во куќен притвор.

Сања Трајковска Ставров