Презентиран стручен наод за „Плацеви на Водно“: Не постојат упати од Груевски, но и од кој било друг кон фирмата од Белизе

Не постојат уплати на сметката на СИРАХ ЛИМИТЕД Белизе ниту од Никола Груевски, ниту од било кое друго физичко или правно лице од Македонија утврди стручниот наод на вештото лице, изработен по поднесена Замолница за меѓународна правна помош од Кипар од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Ова стручно мислење беше изведено како доказ на барање на одбраната на Ненад Јосифовиќ, а истото денес, на главната расправа за време на сослушувањето на вештото лице беше и образложено.

На расправата како што информираат од одбраната на Орце Камчев, детално биле објаснети сите трансакции, уплати и исплати на сметката на СИРАХ ЛИМИТЕД Белизе, во периодот од 26.07.2012 година до 31.12.2012 година како и датумите, износите и правниот основ на секоја уплата и исплата поединечно. Утврдено е дека ниту една од трансакциите не била направена од фирми, ниту од Груевски, ниту пак од било кое други физичко лице од Македонија.

Според утврдувањата на вештакот во анализираниот период утврдена била регуларна исплата од СИРАХ ЛИМИТЕД Белизе кон Сирах Инженеринг ДООЕЛ Скопје. За оваа исплата вештото лице појасни дека во меѓународните плаќања постојат строги меѓународни правила, според кои се врши проверка и точно се знае доколу се работи за перење на пари. Вештото лице на прашање на бранителот појасни дека меѓународниот платен промет се одвива под строги пропишани правила мониторирани од светски банкарски и финаниски институции. Конкретната трансакција не била сомнителна па не била ни предмет на испитување. Таа била на основ на зголемување на основачки влог кон Сирах Инженеринг ДООЕЛ Скопје
Од обраната велат дека резултатите на стручниот наод, мислењето на вештото лице кои денеска се презентираа во судницата како доказ видливо ја збуниле и обвинителката, застапник на случајот, Лиле Стефанова.
„Огромна небулоза во целиот случај е што во обвинителниот акт кој го покренува оваа обвинителка за ‘Плацеви на Водно’, а во кој осомничените се теретат за перење на пари (незаконско финансиско дејствие) кое во пракса единствено би се докажало со следење на финансиските трансакции, Лиле Стефанова воопшто нема нарачано финансиско вештачење. Поради тоа, тука се отвора прашањето на кој основ покренатиот обвинителен акт за „Плацевите на Водно“ кој очигледно е базиран единствено на „сомнение“ без никакви утврдени фактички докази досега го добиваше овој нарачан тек на настаните?“, велат од одбраната.

Според нив, во било кој друг правичен правосуден систем после изнесување на ваков вид на фактички, независни и поткрепени докази кои денес беа презентирани на главната расправа од страна на одбраната, случајот ,,Плацеви на Водно’’ веднаш би бил отфрлен и би се сметал за „паднат“.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста