Петти пакет мерки: Компаниите пак извисија – за плати за јануари ќе треба да се снаоѓаат сами

Компаниите повторно извисија. Ќе треба да се снаоѓаат како знаат и умеат за да ги исплатат платите за јануари. Владата ќе продолжи со субвенции, но само за февруарската и мартовската плата – ова е содржано во 5-тиот сет антикризни мерки кој беше презентиран денеска. Премиерот Заев е дециден – од април, па натаму директната помош ќе секне. Додека фирмите кубурат со пари и се пред клуч на врата, тој очекувал раст и развој. Помош за февруари и март во висина од 31 милион евра ќе добијат само фирмите кои имале над 30% пад на приходите во ноември, декември и јануари споредено со истите три месеци во 2019 и 2020 година. Субвенциите варираат од 14.500 до 21.776 денари по работник и зависат од падот на приходите. Без разлика дали фирмите ќе ја завршат годинава со добивка или загуба, ќе треба да вратат дел  од парите.

Фирмите ќе можат наместо субвенции, да изберат бескаматни кредити во дејностите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, организација на настани, приватни здравствени установи. Зависно од вкупниот поголем обем на работа и добивката можат да добијат неповратен дел од кредитот од 30 до 50%.

Сепак, најголема врева се крена за мерката со која Владата најмногу се фали, а со која граѓаните се ослободуваат од камати за долгови кон јавни претпријатија и институции. Воопшто не се работи за нова мерка. Законот постои уште од лани, но не функционира. Премиерот Заев денеска го призна тоа, но уверува дека сега со измените, ќе било поинаку.

„Првата мерка е финансиска поддршка за плати за вработените – вредна 1,920 милијарди денари. Ќе се оддржуваат плати за февруари и март годинава со што се очекува да се поддржи исплата на плати на 60.000 работници месечно. Финансиската поддршка ќе биде скалеста од 14.500 до 21.776 денари за месечна плата по вработен за да се поддржат во домашните компании во зависност од тоа колкав е падот на приходот во месеците ноември и декември 2020 и јануари 2021 година споредено со ноември и декември 2019 и јануари 2020 година. Значи трите месеци со истите три месеци од претходната година, рече премиерот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го нарече 5-тиот сет мерки, нов пакет за ново пљачкање на државата. Парите од претходните антикризни мерки не биле искористени, а според него, помошта за плати треба да трае цела година, а не само два месеци.

Поддршката на стопанствениците и на компаниите, велеа дека ќе даделе бескаматни кредити, а потоа под притисок на опозицијата и јавноста додадоа во февруари и март дека во зависност од падот на приходите на компаниите ќе дадат дополнителна стимулација за вработените за личниот доход започнувајќи од 14.500 денари за најмалиот пад на промет до 21.000 денари за поголем пад. Тоа го поздравувам но тоа треба да трае за целата 2021 година која очигледно ќе биде кризна за македонската економија, рече Мицкоски.

5-тиот сет од 29 мерки „тежи“ 160 милиони евра, од кои само 90 милиони се пари од буџетот. Во државната каса засега има само 50 милиони евра за оваа намена. Остатокот ќе се обезбедувал со ребаланс. Меѓу мерките има намалување на парафискални давачки, царински стапки, аконтации за даноци, одложени плаќања на даноци, помош за организирање настани, ослободување од давачки за концесии за медиуми. Сепак, оние што ненаменски претходно трошеле пари, нема да можат повторно да конкурираат за помош.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста