Превозниците гневни на Владата: Само кај нас антикризните мерки значат зголемување на трошоците

Најновата мерка за покачување на акцизата за 3 денари, во услови кога цената на нафтата го достигнува дното, е мерка со која повторно се удира директно по џебот на граѓаните. Владата се правда дека тоа го прави за да полесно се справи со економските последици од кризата, но транспортните компании велат дека ваквите антикризни мерки се финансиски неоправдани и неосновани.

Според Владата, буџетот на државата сега треба да го полнат транспортните компании и обичните граѓани – вели за Алфа претседателот на Макам Транс, Билјана Муратовска.

Покачувањето на акцизата предизвика покачување на горивата. Во согласност со методологијата која РКЕ ја користи за пресметка на цените на горивата, од синоќа на полноќ малопродажните цени се зголемија во просек за 3.12 отсто, и тоа бензините поскапуваат за три и пол денари, а дизелот за денар и половина. Оштетени се сите што имаат возило или домаќинствата што се греат на екстра-лесно масло, фирмите што користат погонски горива и чија дејност е поврзана со транспортот, како и земјоделците што во наредниот период треба да произведат храна за да ја прехранат нацијата.

Со зголемување на акцизите за 3 денари, до септември треба да се покријат загуби од околу 18 милиони евра, а до декември до 31 милион евра. Ако цените на акцизите останеле исти, се правда власта, загубите годинава би биле 30 милиони евра. Според нив, акцизата постепено ќе се намалува како што ќе згаснува заканата од Ковид 19 и како што цените ќе одат нагоре. Лани, од акцизи во државниот буџет се слеале 240 милиони евра.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста