Претрес во фирмата поврзана со софтверот што го набави Рашковски, се претресуваат и други локации

Со претреси на неколку локации истражители од Обвинителството за организиран криминал почнаа да ги чешлаат документите со кој екс генсекот на Владата Драги Рашковски набави софтвер за МВР од кој никој немал потреба. Од Обвинителство потврдуваат дека тимови влегле во фирмата „Инвока гроуп“, која победи на тендерот за софтвер за сообраќајни прекршоци и во домот на сопственикот на фирмата.

– Во рамките на предметот што ОЈО ГОКК го отвори во врска со сообраќајниот софтвер, по наредба на надлежен јавен обвинител денеска од страна на истражителите ид Истражниот центар на ОЈО ГОКК беше извршен претрес во Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока гроуп“ ДООЕЛ Скопје и во домот на сопственикот – информира Обвинителството.

По претресот на истражителите од фирмата биле изнесени две вреќи на документи, а неофицијално додека траел претресот Рашковски бил на работа во Влада.

По објавување на скандалот минатиот месец, Министерството за внатрешни се огради од набавката на софтверот со образложение дека не знаеле оти се планира таква набавка, но и дека полицијата нема потреба од нов софтвер. Заев пак во одбрана на Рашковски – набавката на софтверот била во интерес на институциите.

За софтверот кој треба „да лови“ сообраќајни прекршоци беа потрошени 81 илјада евра од државната каса. Инаку Рашковски сам го креираше софтверот и сам потпиша согласност за негова набавка во 2018-та, кога државата ја водеше техничка влада. 

Под притисок на јавноста и Антикорупциска отвори случај за софтверот на Рашковски .

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста