Пресврт кој ја налути Рускоска: Заев ги амнеситраше Јанакиески, Ристовски и Вељаноски

Зоран Заев ја налути Вилма Рускоска откако со сведочење го поби она што го пишува во нејзиното обвинение за организација на собраниските настани. Премиерот на Македонија пред судот кажа дека Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Велјановски и Владимир Атанасовски не биле главни организатори на настаните од 27 април, туку биле само изманипулирани од поранешниот премиер Никола Груевски.

-Информираноста како шеф на најголемата политичка партија во државата апсолутно ме става на моја одговорност да го кажам тоа што се случувало на 27 април. За едно вакво сериозно обвинение да се води вака, мислам дека не е коректно за правниот систем, ниту за граѓаните, кажа пред судот Заев.

Рускоска во судот побара од судијата да го прекине Заев, бидејќи тоа што го говорел не било работа на сведок, што сепак судијата не го стори. Во изјава пред медиумите не сакаше да одговори дали според неа ова е мешање на премиерот во работата на правосудството, но вели дека говорел без никакви докази.

-Не беше викнат во својство на вешто лице да дава свое мислење. Он не понуди никакви докази дека овие луѓе не се едни од организаторите. Апсолутно не се сложувам со тврдењата дека биле изманипулирани, изјави Рускоска.

Задоволство од сведочењето на Заев изрази одбраната. Еленко Миланов вели дека обвинението треба да биде повлечено.

-Ако првиот на човек на државата во изминативе четири години, како премиер, со пристап до сите информации, каже дека организатори на настаните од 27.04 сигурно не се господинот Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Трајко Велјановски, мислам дека е сосема релевантна информација која треба да се земе во предвид, изјави Миланов.

Околу сведочењето се огласи и поранешниот премиер Никола Груевски. На Фејсбук напиша дека денеска Заев уште еднаш ја покажа својата патолошка омраза кон него, нечесно давајќи лажна и гнасна изјава со држење политички говор во судот, дека тој бил организатор на настаните од 27 април 2017 година.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста