Пресуди за „насилство во Центар“: Судот осуди седум лица за шамари кои воопшто не се случија!

За „шамарите во Центар“ кои воопшто не се случија, судот донесе пресуди за седум обвинети. Една година и шест месеци затвор доби поранешниот премиер Никола Груевски, а второобвинетиот Миле Јанакиески доби една година условна казна затвор. По девет месеци условна добија Александар Трајковски, Дарко Стојчевски и Трајче Петковски, додека пак шест месечни условни казни добија Даниел Трифуновски и Иван Бошковски.

Незадоволство од пресудата изразија и Обвинителството и одбраната. Адвокатот на Миле Јанакиески кажа дека ќе  поднесат жалба, бидејќи неговиот клиент бил невин.

-Со оглед на тоа дека Миле Јанакиески е огласен за крив, одбраната во своите завршни зборови на Миле Јанакиески бараше да истиот биде ослободен од обвинението, секако дека не сме задоволни и ќе ги преземеме сите законски средства. Верувам 100 проценти со сигурност ќе ја обжалам пресудата, ова го тврдам без да ја направам консултацијата со мојот клиент, изјави Еленко Миланов.

Делумно задоволство за пресудата изрази обвинителката Фатиме Фетаи, велејќи дека е добро што обвинетите биле прогласени за виновни, но незадоволна е поради висината на казните.

-Секако дека во овој дел во однос на кривичните санкции, ќе има жалба од наша страна, поради тоа што сметам дека судот ги преценил олеснувачките околности кои што стојат на страна на обвинетите, на сметка на отежнувачките околности, изјави Фетаи.

Индикативно е тоа што обвинителката Фетаи од гонење претходно ги ослободи Милан Андоноски, Борче Богдановски, како и поранешната пратеничка Даниела Рангелова, која е во отворен конфликт со раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Уште повеќе што таа веднаш по повлекувањето на обвинението најави дека влегува во битка со Христијан Мицкоски.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста