Пресуди за клевета: Мицкоски ги доби на суд СДСМ и Љупчо Ристевски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го доби СДСМ на суд. Основниот граѓански суд пресуди дека владејачката партија го клеветела првиот човек на опозицијата. Мицкоски ја доби тужбата против социјалдемократите за видеото насловено „Антизападниот пион Христијан Мицкоские продолжена рака на криминалецот Никола Груевски“, објавено на официјалниот Фејсбук профил на партијата на втори ноември 2018-та година.

СДСМ доби пресуда дека го клеветела опозицискиот лидер поради тврдењето дека Груевски во 2015-та му доделил на Мицкоски и 33.000 квадратни метри државно земјиште за изградба на хидроцентрали.

-Се утврдува дека тужениот политичката партија Социјалдемократски Сојуз на Македонија Скопје на официјалната страница на социјалната мрежа Фејсбук пред пошироката јавност со намера да наштети на честа и угледот на тужителот на начин што изјавила дека „Мицкоски е пион кој се збогатил благодарение на неговиот шеф и ментор“, која согласно членот 8 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, претставува клевета, стои во пресудата.

Мицкоски ја добил и тужбата против првиот човек на Интегра Љупчо Ристовски, поради обвинувањата дека Мицкоски поради обвинувањата дека му помагал на Заев за референдумот за промена на името на државата.

-Се утврдува дека тужениот Љупчо Ристовски од Скопје пред пошироката јавност, со намера да наштети на честа и угледот на тужителот, изнел невистинити факти што се штетни за честа и угледот на тужителот Христијан Мицкоски од Скопје, на начин што изјавил дека „Во клучни историски моменти ВМРО-ДПМНЕ и лидерството на ВМРО-ДПМНЕ беше против македонските национални интереси. Народот беше против референдум, а Мицкоски остави слобода да се изјаснат, Заев побара референдум, го доби од Мицкоски“, која согласно членот 8 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета претставува клевета, стои во пресудата.

Околу добиените тужби на Фејсбук се огласи и Мицкоски, вели дека и со вака исклучително заробено судство, со ниска доверба, вистината не може да се заобиколи, а лагите да бидат премолчени.

-Канонадата на клевети, лаги и измислици од СДСМ и останатите нивни јавни, полутајни и тајни партнери, доаѓа време да се разобличи. Инстант клеветите и невистинитите афери нема да им донесат кариера на инстант залутаните во политика. Ова значи дека сме на вистинскиот пат, се до конечна победа! Колку тие пониско удираат толку ние повисоко се креваме!, пишува Мицкоски.

Поради нанесената клевета СДСМ на Мицкоски ќе треба да му исплати симболична финансиска сума од едно евро, додека Љупчо Ристовски според пресудата на име штета треба да исплати 40.000 денари.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста