Преспански јаболкобер- помалку јаболка и просечни цени

Бербата на јаболката во Преспанскиот регион е во завршна фаза. Репортерската екипа на АЛФА ТВ, ги обиколи овоштарниците и ладилникот “Ејпл ленд“ кај Макази. Првичните оценки се дека ќе има помалку јаболка со реколта од околу сто илјади тони, а барем засега, откупните цени се просечни со 12 денари за килограм кај ајдаретот, кој е најраспространета сорта.

Поволното време, на преспанските овоштари им овозможи до средината на октомври, речиси половина од реколтата со берба на јаболката да ја завршат. Меѓутоа, тие с`е уште ги очекуваат ветените пари за штетите.

Овоштарите се во неизвесност, дали и кога бидат надокнадени штетите, особено заради маратонските процедури.

– Со штетите кои настанаа на десетти јули оваа година, с`е уште се во тек процедурите и постапките околу исплата. Штетите се толкави големи, што на дел од овоштарниците ќе има подигнување нови садници, замена на оштетните и искршените и надополнување и остранување на последиците од невремето- рече Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на преспанските овоштари.
Доцнењето на интервентните мерки се разочарувачки, сметаат овоштарите.

– Јас лично, под интервентна мерка подразбирам мерка која што би следела или реализирала, во моментот кога е донесена. Ако владата ја донесе мерката оваа година, а интервенира следната година, тоа не е интервентна мерка. И згора на тоа, тие три денари што требаше да се исплатат, с`е уште не се досиплатени. Дел од производителите ги добија, поголемиот дел ги немаат добиено, па повторно требаше да аплицираме и повторно да поднесуваме документи и не ми е јасно зошто се сите тие манипулации- рече Стефче Радевски, овоштар од с. Царев Двор.
Во вакви околности, владее песимизам за иднината на овој огромен агроресурс.

– Тежок момент е ова за овоштарството и јас некогаш во шега вела, а зборувајќи ја вистината, дека ова е една од поголемите катастрофи што ја има снајдено Преспа во овоштарска смисла. Младите ги напуштија селата и несакаат да работат овоштарство зашто не знам кој би работел ако мора своите јаболка да ги предаде за еден денар- вели Радевски.

За да можат да се справат со ценовните шокови и со игрите на трговците, на преспанските овоштари им се потребни барем уште пет ладилници за складирање на јаболката како оној на Макази, а дека овој производ може да биде вносен бизнис, ни покажуваат сопствениците на “Ејпл ленд“ , кои тука дојдоа да инвестираат од Дубаи.

Петар Стефановски