Преполни локали, свадби со стотици гости без невестински фустан

На големо продолжуваат ноќните забави низ земјава на кои видливо се кршат протоколите за заштита од пандемијата. Наместо пломба за кафе барот „Мош“ во центарот на Скопје, уште една нова забава со српскиот пејач Владо Георгиев. И покрај рекордните бројки на заразени, ни вчера никој не ги почитуваше протоколите. Не се носеа ниту маски, ниту пак имаше дистанца.

Преполната забава, за момент ја прекинала полицијата. Влегла во кафе-барот и им посочиле на вработените да ги оддалечат масите, односно да постапат согласно протоколите и да обезбедат дистанца. Но кога си заминале, сопствениците повторно ги вратиле масите и продолжила забавата.

По бројните реакции од јавноста, од Владата излегоа со соопштение во кое се вели дека ноќеска бил приведен управителот на кафе барот за прекршување на здравствените прописи и оти Државниот пазарен инспекторат спровел над 100 контроли во угостителски објакти.

Во локалот „Мош“  утрово беше празно, а техничкиот персонал ја собираше опремата од забавата која траела до доцна во ноќта.

Од овој кафе бар ниту денеска не беа расположени за коментар. Граѓаните се бунат, особено повозрасните велат дека не можеле да спијат од гласната музика..

  • Не се спие, ова е ужасно. Бум, бум до сабајле, ние тука сме немоќни нешто да направиме, државата треба да поработи, не да спие, се жалат граѓаните.

Директорот на Државниот инспекторат, Стојко Пауновски за Алфа рече дека дури следната недела кафе-барот ќе биде затворен.

  • Бројот на новозаразени секојдневно расте, епидемиолошката состојба е се полоша, но свеста кај граѓаните е на најниски гранки. За жал не помагаат казните, вели Пауновски. 

Гужви до доцна во ноќта синоќа и во неколку пати пријавуваниот  – струмичкиот клуб „Аватар“.

Инспекторите на пазарната инспекција влегле во струмичкиот клуб. Тие досега поднеле две кривични пријави, од кои, за едната има и пресуда од суд и е платена. И покрај се клубот си организира масовни забави.

Пречекорување имало и во клубот „Император“ од Битола.

Не само журки, се организраат и свадби. Во рестораните и хотелите на диво се прават свадби, а на младите брачни парови менаџерите им укажувале дека може да органиозираат свадбена веселба, со 100, 200 па и повеќе гости, но под услов невестата да не носела невестински фустан. 

Пауновски вели инспекторите викендов налетале на 7 свадби во Скопје, Тетово и во Струга.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста