Премиерот Заев предизборно го изгаси пожарот со оризопроизводителите

Оризопроизводителите ги ставија протестите во мирување и се враќаат на нивите. На денешната средба премиерот им ветил дека ќе најде начин да го реши проблемот со заостанатат реколта и ниската откупна цена. Единственото барање 25 денари за оризовата арпа е прифатено, велат од Иницијативниот одбор. Каков ќе биде моделот со кој ќе се амортизира цената, ќе се знае во четврток.

„Мислам дека оризовата арпа ќе почне да се откупува по 25 денари. Од кога дополнително во четврток ќе биде соопштено. Другите мерки си остануваат. Субвенциите си остануваат исти. За нас беше многу важно 25 денари за килограм арпа„, изјави Здравко Арсов од Иницијативниот одбор.

Оризопроизводителите се надеваат дека ова нема да биде уште една предизборна манипулација како онаа во 2017 година кога им ветуваа по 25 денари. Подолг период кај оризопроизводителите врие. Нивното незадоволство стана уште поголемо откако оризовата арпа достигна цена од 16 денари, па поради тоа половина од ланската реколта ја чуваат во амбарите.

„Жетвата ќе започне за 15 дена. Сега треба да правам нови шупи за да го складираме новиот ориз. Прво беше на 20 дена дека ќе ни исплатат, па сега на три месеци. Знаете кога ќе земеме пари? Никогаш!Само откупувачите се богатат, а ние немаме пари за гол живот“, изјави Трајчо Јованов, оризопроизводител.

Оризопроизводителите оганизираа неколку протести, а минатата недела најавија бојкот на изборите доколку и понатаму власта остане глува на нивните барања.

Александра Ристевска

Advertisements