Премиерот Мицкоски очекува минимално зголемување на цената на струјата
Владата очекува струјата да поскапе минимално. Според премиерот Христијан Мицкоски порастот на цената ќе изнесувал помеѓу 1 и 3%, што е убедливо најмалку во регионот и Европа. Во првиот и вториот блок каде што припаѓаат најголем дел од граѓаните, зголемувањето би било 0,5%. Сепак, вели конечната одлука ќе ја има Регулаторната комисија за енергетика. АД ЕСМ вчера достави понуда од 62 евра за мегаватчас на тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за количините и цената по која ќе му ја продава електричната енергија од следната година. Тоа е за само 3,33% повисока цена од сегашните 60 евра за мегаватчас.
– Тоа е одлука на Регулаторната комисија, но јас очекувам да не се движи повеќе од она што го зборував, значи помеѓу 1 и 3 проценти, што ќе каже – најниско зголемување, убедливо неколку пати во регионот и Европа, а во првиот и вториот блок каде што се најголемиот дел од потрошувачите или повеќе од 75 проценти не очекувам да биде повисока од 0, 5 проценти – рече Мицкоски.
Во моментов се прават последните калкулации околу цената на струјата. Денеска Регулаторната комисија за енергетика одржа подготвителна седница на која се разгледуваа извештаите за потребите за раст на цената на мрежарината доставени од Електродистрибуција, операторот на преносниот систем МЕПСО и операторот на пазарот на струја МЕМО.
Она што е познато е дека ЕСМ ќе ги покрива загубите на Електродистрибуција по просечна цена од 106 евра за мегаватчас. Претходно оваа цена изнесуваше 105,00 евра за мегаватчас. Тоа значи дека покривањето на загубите во системот ќе чини слично како и досега. Оваа цена, заедно со барањата на операторите МЕПСО и МЕМО влегува во одлуката за цената на преносот и дистрибуцијата за која Регулаторната комисија за енергетика ќе одлучи на стартот на следната недела. Потоа пресметките ги презема универзалниот снабдувач ЕВН ХОУМ која ќе ја искалкулира крајната цена по која граѓаните ќе ја плаќаат струјата. Кон крајот на декември Регулаторна треба да ја провери оваа пресметка и да пресече околу цените на струјата во 4-те потрошувачки блокови. Новата цена на струјата ќе важи во првите 6 месеци од 2025-та година.