„Преку езерото“ – Меѓународен филмски фестивал по трет пат во Дојран

„Преку езерото“ – Меѓународен филмски фестивал по трет пат во Дојран

Меѓународниот филмски фестивал „Преку езерото“ од 31 јули годинава по трет пат ќе се одржи на брегот на Дојранското езеро. Со проекции на пет долгометражни филмови од кои 4 играни и еден долгометражен документарен филм фестивалот кој е единствен од ваков тип во Македонија ќе понуди одлична програма за сечиј вкус.

„Многу ни е важно да опстоиме на тој концепт затоа што ние кои што живееме на границата помеѓу истокот и западот, помеѓу Медитеранот и Европа, навистина имаме ретка можност да бидеме мост преку кои културите на истокот на Медитеранот и културите на западот на Европа ќе се спојат во едно“, изјави Јани Бојаџи филмски режисер и директор на фестивалот „Преку езерото“.

Со цел развој на македонската филмска и телевизиска индустрија преку поддршка на млади автори и филмски творци, годинава е распишан и конкурс за дипломски филм на кој ќе можат да аплицираат студенти од факултетот за драмски уметности и Универзитетот Еуропа Прима Скопје. Предност ќе имаат младите од источниот дел од земјата.

„Она што како новина, оваа година фестивалот „Преку езерото“ го предвидува, а се во интерес и со цел и развој на македонската филмска и телевизиска продукција, преку поддршка на млади автори е распишување на конкурс, кој што ќе се однесува за дипломски филм“, рече Мими Ѓорѓовска – претседател на советот на фестивалот „Преку езерото“.

„Конкурсот започнува од понеделник и ќе трае до 15 јули. Сите апликации ќе бидат разгледани, ќе се направи селекција и селектираните апликанти ќе дојдат на еден вид избор на самиот фестивал. Идејата е на тие студенти и млади автори да им овозможиме да бидат дел од фестивалска атмосфера да запознаат сериозни луѓе, да можат да разменат искуства“, рече Јани Бојаџи.

Иницијативата замислена од филмскиот режисер и продуцент, Јани Бојаџи веќе прераснува во етаблиран фестивал на балкански и медитерански филм, во кој се разработуваат теми кои го карактеризираат духот на медитеранот, културата, уметноста и традицијата на медитеранските земји.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )