Преку азил или работа – граѓаните бараат начин да си заминат од Македонија

Продолжува трендот на таканаречената белата чума во Македонија.  Некогаш миграцијата беше од село во град, а сега пак надвор од земјата. Стотици села одамна опустеа, а се преполовуваат и градовите.  Во август 349 граѓани на Република Македонија побарале азил во земја од Европската Унија, а од нив една третина се повторни барања откако еднаш биле одбиени, покажуваат последните бројки на Европската канцеларија за азил. Се уште 919 лица од Македонија се во исчекување на одговор.

Граѓаните велат бараат чаре надвор од земјава заради подобра егзистенција, подобар живот, иднина. Најчести причини за заминување велат се ниските плати, образовниот систем и економската нееднаквост.

Статистиката на миграција од Македонија е поразителна, а без коренити државни реформи,  трендот на иселување е несопирлив. Аналитичарите велат дека очекуваат бројките се повеќе да растат, па дури и при влезот на државава во Европското семејство, овој тренд се очекува и да порасне.

Од владата пак пред неколку месеци изјавија дека работат на случајот за да се запре галопирачката миграција. Велат посветено работеле на механизми како да го сопрат овој процес, па затоа и младите биле во фокусот и на владиниот оперативен план за вработување.

Во јули бројката на барања азил од Македонија била 351, а во октомври 2017 – 505. Граѓаните од Македонија се рекордери на повторни барања за азил во група со Таџикистан и Србија.

Експертите велат дека и наредниов период се очекува уште повеќе да има иселување доколку германската влада го усвои новиот закон за регрутирање на квалификувани и обучени работници од странство. Законот треба да го олесни доаѓањето на странски работници во Германија на која  ѝ се потребни 440 илјади обучени работници секоја година за да ја пополни празнината која се создава поради нискиот наталитет во земјата.

Досега, вработувањето во Германија не беше проблем за државјаните на земјите-членки на ЕУ, но со проблеми се соочуваа сите останати странци, со делумен исклучок на оние од Западниот Балкан. Доколку се усвои законот сите ќе имаат подобри шанси да работат во Германија доколку ги исполнуваат условите како  да имаат понуда за работа,признаени професионални квалификации и основни познавања на јазикот.

Мери Ѓорѓиевска