Прекинат конгресот на СДСМ: Општинските организации побарале време да го прочитаат извештајот за катастрофалниот пораз

Прекинат конгресот на СДСМ: Општинските организации побарале време да го прочитаат извештајот за катастрофалниот пораз

Се обратија Димитар Ковачевски и Миле Зечевиќ и заврши конгресот на СДСМ. Барем засега без успех отчетниот конгрес на идната опозиција. Причините биле што општинските организации немале доволно време да го погледнат обемниот извештај од над 60 страници, кој што го напишало партиското раководство.

-Поради обемниот материјал на Извештајот кој опфаќа политички, оперативен и аналитички дел, општинските организации на СДСМ побараа време за да го анализираат, да се произнесат и да дадат свој придонес, на ниво на општински изборни штабови и на ниво на општински организации во конечната верзија на Извештајот за парламентарните и претседателските избори 2024 година. Конгресот на СДСМ ќе продолжи откако општинските организации ќе се произнесат за Извештајот за претседателските и парламентарните избори а за терминот дополнително ќе биде утврден, велат од СДСМ.

Во име на општинските организации барањето да се одложи конгресот го кажа Трајче Галевски. Вели им требало време да го разгледаат.

-Претседателот и генералниот секретар во нивното обраќање изнесоа дел од причините за изборниот пораз. До нас е доставен извештајот за парламентарните и претседателските избори за 2024 година, кој што е прилично обемен и се однесува на повеќе од 66 страни, каде има политички дел, оперативен дел, анализа на изборните резултати, изјави Галевски.

Се очекуваше да има темелна дебата за причините поради кои СДСМ го доживеа најголемиот пораз на изборите, но сепак конкгресот заврши со одложување. Дебата очекуваше и се уште актуелниот лидер во оставка Димитар Ковачевски.

-Гледајте јас она што имав да го кажам го кажав и на осми мај, исто така и на денот кога официјално се повлеков од позицијата претседател на СДСМ на 22-ри мај. Очекувам отворена дебата, очекувам да се разговара конструктивно и отворено за сите прашања кои што влијаеја на изборниот резултат и на овие избори и на изборите во 2021-ва година, бидејќи тогаш не беше оддржан отчетен конрес. Така да делегатите ќе имаат за што да разговараат, секако дека членовите на раководство ќе имаат свои одделни експозеа, изјави Ковачевски.

Истото го очекуваше и вицепремиерот за економски прашања во заминување Фатмир Битиќи, за кого постојат шпекулации дека може да прелета во друг политички табор.

-Отворено да се збори за изборниот резултат, за сите состојби пред изборите и како понатаму во следниот период, особено затоа што не очекува еден период на внатрепартиски избори. Сметам дека ова е точка на преврат во партијата и затоа е многу битен ден за мене, изјави Битиќи.

29-от конгрес на СДСМ мина без поранешниот лидер на партијата Зоран Заев, како и без кандидатот за претседател Јован Деспотовски. Дојдоа кандидатите Венко Филипче, Славјанка Петровска и Александар Бајдевски, но не беа расположени да дадат изјава за медиумите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )