Предвремени избори, одложување на пописот, широка Влада- за што ќе разговараат Мицкоски и Заев?

Одблокирање на Собранието, предвремени парламентарни избори, евентуално одложување на пописот, па дури и можност за широка Влада. Ова ќе бидат темите на кои во понеделник на лидерска средба ќе разговараат Христијан Мицкоски и Зоран Заев. Во период кога тенкото парламентарно мнозинство ги покажува своите аномалии, лидерот на опозицијата повика, премиерот прифати лидерска средба. Агим Јонуз смета дека откако Заев ја забетонирал својата позиција во СДСМ, сега многу полесно би влегол во било каков дил со Мицкоски.

-Она што Христијан Мицкоски може најмногу да го извлече е да го доведе Заев до евентуално некакво прелиминарно прифаќање за предвремени избори, што во неговите редови ќе донесе некаква победа, затоа што тој инсистираше на тоа. Можат да разговараат истовремено и за пописот и за евентуално некакво благо одложување, но ништо повеќе, изјави Агим Јонуз за Алфа.

Сепак, Јонуз смета дека што и да договорат Заев и Мицкоски не би можело да помине без амин од албанскиот политички блок, посебно потенцирајќи го Али Ахмети и ДУИ.

-За било што што во државата би можело да се одвива на пошироко поле, подразбира учество и на Али Ахмети и на албанската страна. Во рамките на народски речено ја тебе ти мене, може да разговараат четири дена, но сето тоа мора да биде запечатно од оној што во моментов игра најумно, а тоа е Али Ахмети. Нека им е на двајцата Господ на помош, вели Јонуз за Алфа. 

Јасно е дека покрај Ахмети, проблем може да претставува и албанската опозиција, која го покажа тоа и кога дојдоа на ред гласањето на мерките за помош на граѓаните и економијата. Од Алијанса за Албанците и Алтернатива најавија дека ќе го блокираат нивното изгласување и имплементирање, доколку не биде донесен законот за државјанство.

-Нема да е човечки од нас да ги надминеме тие, за да одиме на друг пакет мерки. Затоа, ние се уште времено како коалиција сме застанале кај законот за државјанство и блокада што ја направило мнозинството и македонската опозиција. Тој момент со кој ќе се одблокира тоа, иста важност ќе има секој пакет, оти граѓаните ние не ги разликуваме. За нас како коалицијата граѓаните се рамноправни и на сите им треба и економска и финансиска помош, изјави Скендер Реџепи.

Мицкоски вели дека оваа лидерска е со цел да седнат на заедничка маса лидерите на двете најголеми партии, со цел изнаоѓање решенија како би им се помогнало на граѓаните во ек на панедмија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста