Предлогот кој го крие Oсмани од целата македонска јавност, не е прифатлив за Бугарија
Има или нема нов нон-пејпер кој циркулира меѓу двете министерства за надворешни работи во Скопје и Софија…Откако министерот Бујар Османи потврди дека постои документ кој е прифатлив за Македонија, само се чека одговорот од бугарска страна, од Софија експресно му одговорија, предлозите на Скопје не се прифатливи, ама тоа им беше кажано уште во февруари…Од бугарското МНР во изјава за Агенцијата БГНЕС, велат дека разговорите мора да продолжат.
„Постои активен дијалог меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и Република Македонија со цел да се изнајдат решенија за отворените политички прашања. Последниот експертски состанок на тимовите на МНР се одржа на 11 февруари годинава, на кој се разговараше за најновите предлози на Македонија, официјално испратени во декември 2021 година како одговор на предлозите на бугарската страна. На средбата во февруари бугарската страна ги информираше претставниците на Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат“, соопштија од бугарското МНР за БГНЕС.
Испративме прашања директно и до бугарското министерство за надворешни работи на што се однесува предложениот документ на идентитетските прашања, или за граѓанските права на бугарското малцинство во Македонија. Одговор оттаму нема ниту зошто бугарското МНР ги одби предлозите на Македонија на последниот состанок во февруари или што не беше прифатливо за Бугарија?
Од ВМРО –ДПМНЕ кои и ја открија информацијата дека циркулира нов нон-пејпер, повторно го повикаа Османи јавно да ја покаже содржината на документот.
И додека траат преговорите на линија Скопје – Софија, утре во Македонија пристигнува бугарскиот премиер Кирил Петков, но не во офијална туку во приватна посета да се сретне со Македонците со бугарска самосвест, но и со здруженијата кои добија финански средства од бугарска државна каса. Како што порачува Петков во бугарските медиуми, целта била да се покаже силната поддршка на бугарската влада за бугарската заедница во Македонија оти тоа било голем приоритет за Бугарија.
Ивана Соколовиќ Најдова