Предлог-буџетот за 2025 година на владина седница

Предлог-буџетот за 2025 година на владина седница

Министрите денеска дебатираат околу Предлог-буџетот за следната година. Пред владината седница премиерот Христијан Мицкоски најави дека овој буџет ќе биде развоен, односно ќе се темели на бруто инвестициите како во јавниот, така и во приватниот сектор. Тој рече дека капиталните инвестиции од сегашните 730 милиони, ќе достигнат 813 милиони евра. Дупката во државната каса, односно буџетскиот дефицит ќе изнесува 683 милиони евра, а растот на економијата во голема мера ќе зависи од геополитичките случувања и перформансите на Германија како наш најголем трговски партнер.

Аналитичарите алармираат дека во моментов, капиталните инвестиции не даваат ефекти, односно има некоја додадена вредност во општеството едвај 6 месеци по стартот на проектите. Наместо да го поттикнат, тие го потиснувале приватниот сектор. Затоа тие сугерираат да се определат кои капитални инвестиции се стратешки приоритетни за Македонија и треба час поскоро да се изградат.

Се додека социјалните трансфери зафаќаат огромен дел од буџетот, економскиот развој ќе биде лимитиран, бидејќи нема голем простор за меневар при користењето на парите – велат аналитичарите. Засега се знае дека во буџетот за догодина ќе има пари за пораст на пензиите за 2.500 денари месечно почнувајќи од март, како и зголемување на буџетот за плати во образованието и здравството. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска веќе потенцираше дека во 2025 година очекува многу поголем економски раст од годинешните 2,1%, односно зголемување од над 3,5%, како и дефицитот да се сведе на 4% од БДП. Проекциите за јавниот долг покажуваат, дека на крајот на 2025 година, тој ќе остане, на нивото, од 64% од БДП, со што, ќе се задржи, финансиската стабилност на земјава. Во Стратегијата за јавен долг стои дека тој треба да се намали до умерени рамки од 60% од БДП до крајот на 2029-та година.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста