Предлог-буџетот влезе во Собрание, ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во седниците – поднесоа 220 амандмани

Иториски најтешкиот буџет од 4,4 милијарди евра влезе во собранието. Пратениците ја почнаа расправата за прекројувањето на државната каса за 2022. Дупката во буџетот ќе изнесува над 545 милиони евра, а ќе се пополнува со задолжување. Државата догодина ќе се задолжи со 733 милиони евра, но 188 од нив ќе ги користи за отплата и репрограмирање на стари долгови.

Министерот за финансии во своето обраќање рече дека овој буџет ќе помогнел во секојдневната живеачка на граѓаните, но не кажа колку ќе се зголеми јавниот долг. Рече ќе се крати кај сите непродуктивни ставки. Во Буџетот за в година се предвидува да се соберат 3,9 милијарди евра, или 7,4% повеќе од приходот проектиран за годинава.

  • Главна карактеристика на Предлог-буџетот за 2022 година е дека дефицитот ќе се користи единствено за поддршка на позначителниот дел од капитални инвестиции. Во 2022 година, според сите карактеристики, ќе имаме „развоен буџет“. Развојната компонента на Буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 27 проценти во однос на 2021 година, поточно во 2022 година се предвидени 8 милијарди денари (130 милиони евра н.з.) повеќе за капитални проекти. Капиталните расходи следната година се на историски највисоко ниво од 14 проценти во вкупните расходи, истакна министерот.

Министерот порача дека граѓаните можат да бидат сигурни дека со Буџетот за 2022 година е обезбедена ликвидност што значи дека ќе има редовна исплата на плати, пензии и социјални надоместоци.

Историски највисок, нереален, неразвоен со многу непродуктивни трошења. Вака опозицијата го коментира буџетот за наредната година. Од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа околу 220 амандмани. Ќе учествуваат и на пленарната седница на која ќе се носи буџетот, велат од партијата. Амандманите се однесуваат на енергетиката, образованието, здравството, животната средина.

  • Имено, ова требаше да биде буџет кој ќе понуди решенија за претстојните предизвици со кои ќе се соочуваме и следната година, овој буџет требаше да понуди излез од кризата во која што се наоѓа Македонија, ова требаше да биде буџет со кој барем Владата ќе се обидеше да го врати секојдневниот живот на граѓаните во нормала. Сепак, желбите и нереалните очекувања се едно, а можностите се сосема друго. Фактите се поразителни и сурови. Оваа влада во заминување нема никаква идеја и концепт како да ја извади државата од оваа тешка и катастрофална ситуација во која што впрочем самата Влада предводена од СДСМ и Заев ја втурна и упорно ја води Република Македонија во амбис. 2021 година полека но сигурно завршува, но тоа воопшто не значи дека и проблемите ќе завршат со неа. Напротив, 2022 година и овој буџет ќе донесат уште поголеми проблеми и предизвици бидејќи оваа Влада нема никаква стратегија и идеја, вели Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Со буџетот за наредната година за плати на администрацијата ќе се потрошат 531 милион евра, или 17 милиони евра повеќе од годинава. Тука се влезени и покачувањата на платите на судиите, обвинителите, инспекторите, наставниците, културните и здравствените работници. Најмало е зголемувањето кај здравството, околу 5%. За капитални проекти се издвоени 615 милиони евра, а над 97 милиони евра се за автопатите од Коридор 8. Проектиран е раст на економијата од 4,6% и инфалција од 2,4%.

Според Деловникот, комисиската расправа за Предлог-буџетот ќе трае 10 дена, по што оди на пленарна седница во Собранието и се очекува да биде изгласан до полноќ, на 5 декември.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста