Предизборно по стотици вработувања месечно во јавниот сектор

17 огласи за вработувања во јануари, повеќе од 150 во јуни – антикорупциската комисија и „Транспаренси интернешнал“ предупредуваат дека има повеќекратно зголемување на бројот на вработувања во јавниот сектор во пресрет на локалните избори – најголем дел од вработувањата се токму во локалните подрачја, што дополнително отвора сомнеж за злоупотреба на предизборието.

Многу е важно во државните институции да се вработуваат непартиски кадри. Мислам дека за нас друго чаре нема, ова е мој личен став, но лично сметам дека ако во државна администрација се вработуваат само лица кои не се во партија, јас таму го гледам спасот – вели претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Антикорупциска постојано алармира за високото ниво на корупција во земјава, особно во однос на вработувањата, а препораките кои ги упатуваат кон институциите, не се спроведуваат во целост. Од Транспаренси интернешнал предупредуваат дека итно мора да се создадат работни групи за изнаоѓање на решенија со цел да се подобри квалитетот на работата на јавните органи – дополнителен проблем претставуваат и случаите каде квалификациите на вработените не одговараат на критериумите на распишаниот оглас за вработување.

Недостатокот од контрола на времените вработувања кои многу масовно се случуваат и се оправдуваат со потребата од дополнителен кадар, сето тоа е резултат на недостаток на контролните механизми кои ќе укажат дека ова се прави надвор од реалните потреби – вели претседателката на „Транспаренси интернешнал“ Слаѓана Тасева.

Од антикорупциска не негираат дека во државава често пати се злоупотребува и националната припадност да се дојде  до функција во јавно претпријатие. Бројни случаи каде многу Македонци се декларираат како Албанци, за да се вработат во јавната администрација. Еден од низата случаи е и вработувањето на Емил Костовски како филмолог во Националната установа Кинотека на Македонија кој е деклариран како Албанец. Препораките на транспаренси интернешнал се јасни – не смее да се злоупотребува националната припадност за вработувања во јавниот сектор.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста