Пред УЕФА го бранеше името на ФФМ, но откако Заев им се извини на грците, Османи сега омекнува околу „Северна„

Ќе го смени ли името и фудбалската Федерација на Македонија за да стане Северна? Првиот дипломат Бујар Османи и претседателот на ФФМ Муамед Сејдини се согласиле дека за да бидат надминати сите несогласувања и предизвици во именувањето на федерацијата треба да се употреби позитивен пристап и добра волја . Објаснувањето кое од МНР го испратија до медиумите го темелат на тоа дека било законска обврска на организациите кои на било каков начин примаат финансии од државата да го стават „северна“ во називот, односно да се користи новото уставно име.

Османи посочи на законските обврски за примена на уставното име за организациите кои ја преставуваат земјата и кои на било каков начин примаат дотации или друг вид финансирање од државата. Соговорниците се согласија дека на оваа тема ќе ѝ пристапат со добра волја и позитивен пристап, со цел да се надминат сите несогласувања и предизвици кои се појавуваат, стои во соопштението од МНР.

А пред само еден месец Османи на почетокот на Европското првенство, по барањата на грчките власти македонскиот тим да настапува како северномакедонски , застана во одбрана на репрезентацијата и порача дека таа не е финансирана од државни пари за да има обврска да го менува името. Сега тоа експресно се смени.

Побаравме став и од ФФМ, дали позитивната волја на која се согласиле Сејдини и Османи значи и согласност за менување на името на Федерацијата. Портпаролот Златко Андоновски во телефонски разговор за Алфа вели дека името единствено може да биде сменето на седница на Генералното Собрание, со согласност на мнозинството делегати.

А во контекст на преспанскиот договор, беа и реакциите на официјална Атина за настапот на македонските фудбалери на европското првенство. Грција реагирапше за името на ФФМ на дресовите на македонската репрезентација за што од УЕФА веќе се изјаснија дека нема ништо спорно. Иако европските фудбалски власти беа јасни, премиерот Заев побрза да се извини и оправда дека сите знаеле оти нашата репрезентација на европското првенство ја претставувала Северна Македонија. Во писмена изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА и грчката државна телевизија ЕРТ Заев порача дека веќе го покренале конкретниот аспект со федерацијата и прашањето за името на ФФМ ќе биде решено врз основа на договорот од Преспа и правилата и традицијата на УЕФА.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста