Пред новата откупна кампања на тутунот – тутунарите во паника, а министерот Николовски – задоволен од подготовките?!

Пред новата откупна кампања на тутунот – тутунарите во паника, а министерот Николовски – задоволен од подготовките?!

      Нова откупна кампања, стари рани и стравувања. Пред официјалниот старт на откупот на тутунот, тутунарите загрижени и во паника, наспроти ресорното Министерство од каде не штедат фалби за успешната подготвеност. Додека тутунарите бараат задолжително покачување на откупните цени со нови анекси на веќе потпишаните договори, од Министерството ниту збор за ова нивно барање.

     „Како и секоја година пред стартот на откупот со откупувачите се разговараше за престојната реколта. Заеднички беше констатирано дека и оваа година квалитетот на тутунот е добар и дека ќе имаме успешен откуп. Откупните пунктови се подготвени, а кај откупувачите има подготвеност за директни разговори со Сојузот на тутунари, и во наредните денови, заедно преку дијалог треба да ја утврдат динамиката на откуп“, стои во кусото писмено соопштение на фб-страната на МЗШВ. Но, за бараната корекција на цените, ниту збор.

    Ова крајно ги вознемири тутунарите. Велат дека насетуваат обид за пак да бидат изманипулирани и ограбени, особено зашто не му веруваат на Сојузот на земјоделски здруженија. Од Сојузот на земјоделски здруженија пак, велат дека и тие не биле поканети на последната средба помеѓу министерот и откупувачите, ама дека и тие бараат покачување на цените. Затоа, веќе од неделава, па се’ до в среда тие лично ќе ги посетувале откупувачите за непосредно да се договорат за одредено покачување на цените. Ама, во никој случај тоа немало да биде 10 евра за кг тутун, како што бараат тутунарите, бидејќи тоа било нереално побарување, оти толку пари – немало.

  „За да не дозволиме да ни избегаат и тие дел тутунари што го саделе тутунот и оваа година, а и лани, и да останат празни нивите, па в година да имаме уште попреполовен род“ – вели Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.

   Од Сојузот се закануваат дека доколку не се постигнел договор со откупувачите за извесно зголемување на откупните цени, тие немало да дозволат откупот ни да започне, односно немало да ги пуштат ни поверениците на вагите.

   Од новоформираната Национална земјоделска мрежа пак, потенцираат дека будно ги следеле случувањата и не ја исклучуваат можноста повторно да има и протести, ако откупната цена не достигне 10 евра за кг. тутун. Инаку, годинашниот род реално ќе тежи околу 13 милиони кг. тутун, што е двојно помалу од лани. Официјалниот откуп на тутунот треба да започне на 15 декември, а ќе откупуваат 10 откупни компании.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста