Пред Нова година 5 илјади вакцини за Заев беа ништо, сега се успех

Со набавени повеќе од еден милион вакцини Србија започна со масовна имунизација. Српскиот претседател Вучиќ најави дека најдоцна до утре во Србија ќе пристигнат дополнителни, 250.000 дози од руската вакцина „Спутник V“ и дека се очекува наскоро да се набави и четвртата вакцина од производителот Астра-Зенека. Големиот број на вакцини кој го има Србија – ги натера властите да се сожалат и да и подадат рака на Македонија. И покрај ветувањата од Бугарија и Грција дека ќе ни испорачаат анти-ковид вакцини од тоа Македонија се уште ништо не виде. Ама затоа Србија понуди дел од нивните. Претседателот Вучиќ, денеска го коментираше тоа што неговата земја ќе отстапи 8 000 вакцини од „Фајзер“ за Македонија, велејќи дека тоа е братски и пријателски потег.

“Ние можеме да бидеме среќни, само ако и соседите се среќни и задоволни. Кога треба да им помогнеме? Кога е лесно? Веројатно треба да помогнете некому кога е тешко. Колку можеме ќе помогнеме. Тука е, да бидам искрен, и снаодливоста на премиерот Заев кој бараше и се бореше да обезбеди нешто за својата земја.” – изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ.

Македонскиот премиер, вчера, како убава и среќна, ја најави веста дека Србија ќе и даде на Македонија 8 илјади вакцини. Пред помалку од еден месец, за Заев, ваквата количина беше глумење на вакцинација.

Еве, Србија доби 5000 вакцини за 2500 граѓани и почна со вакцинирање, но тоа не е вакцинација. Вакцинацијата е прво стига Модерна. Додека се вакцинира со Модерна, стига Фајзер, додека се вакцинира со Фајзер, стига Астра Зеника и Спутник и сите што се во Ковакс системот. Јас не гледам на работите како на натпревар, посебно за сериозни работи како што е Ковид..– рече премиерот Заев неодамна во телевизиско интервју.

За начинот на вакцинација во регионот, реагираше албанскиот премиер Еди Рама. Тој останува на ставот дека ЕУ е себична кога се во прашање анти ковид  вакцините. Рама кажа дека Бугарија ѝ ветила на Македонија 100 вакцини, но и тие не ги испорачала, притоа одговри на критиките дека Албанија добила само 1.000 дози. Оваа информација беше демантирана од страна на нашите здравствени власти.

Инаку, Македонија се уште ги чека вакцините нарачани директно од производителот Фајзер, околу 5800 дози треба да стигнат во Февруари, а по 17.000 во март и април. Следниот месец се очекува и првата пратка од Ковакс системот, преку кој земјава нарача вкупно 833.000 дози за 2021 година.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста