Празни храмови – верниците за Велигден ќе останат дома

Поради епидемиолошкиот ризик од поголеми собири на граѓани во време на пандемија, и по воведените мерки за ограничување на движењето, годинава за првпат ќе нема присуство на верници во храмовите за време на најголемиот христијански празник, Велигден. Македонската православна црква – Охридска Архиепископија уште пред десетина дена соопшти дека нема да го прекине литургискиот живот, затоа што тоа е идентитет и суштина на нејзиното постоење, но ќе се прилагоди на ново настанатите услови, почитувајќи ги донесените мерки за заштита.
На Велигденските Воскресни Литургии во сабота навечер ќе бидат само свештениците, а граѓаните ќе можат да ги следат во живо на телевизиите.

Полицијата ќе врши контроли покрај храмовите на МПЦ за време на велигденските празници, а онаа што го забележа камерата на алфа е дека верниците ги почитуваат владините мерки. Осум од десет верници избрале да останат дома за Велигден, покажува истражувањето на јавното мислење „практикување на религија во услови на пандемија”, реализирано од интернет порталот religija.mk и Институтот за политички истражувања.

МПЦ нема да ја менува традицијата. И владиката Тимотеј за Дојче Веле, рече дека секој што ќе посака да се причести, свештениците не можат да му забранат, лажичката ќе биде иста за сите а иконите ќе ги дезинфицираат оти традиција е тие да се бакнуваат, особено за време на верските празници како Велигден.
И покрај рестриктивните мерки, ќе пристигне Светиот благодатен оган од Ерусалим. Како што објави весникот „Jerusalem Post” повикувајќи се на извори од Министерството за надворешни работи на Израел, државата изразила подготвеност да ги прими специјалните летови од православните држави со цел да го однесат огнот во Русија, Украина, Грција.. преземајќи го од аеродромот во Тел Авив.
Светиот благодатен оган од Ерусалим, во 2018 година за првпат стигна во Македонија.

Дејан Трендов

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста