Православните верници го слават Велигден – Христос Воскресна, Навистина Воскресна! ; МПЦ со пораки за мудрост и единство за одбрана од негирањата

Христос Воскресна – Навистина Воскресна!

Православните христијанските верници ја дочекаа радосната вест за Христовото Воскресение. Стотици граѓани во скопскиот Соборен храм со свеќи во рацете се радуваа на Христовата победа над смртта. По полноќ, како што налага традицијата се кршеа со црвени велигденски јајца-  симболот на Христовото воскреснување. 

Соборниот храм  и утрото осамна со верници на велигденската богослужба. Во велигденското послание, поглаварот на Македонската православна црква ГГ Стефан вели дека предизвиците со кои се соочува нашето поколение, потврдуваат дека ваквата преобразба ни е потребна како никогаш досега.

  • Затоа, да Го молиме воскреснатиот Господ, да ни ги дарува потребните мудрост и единство, и нам, во Татковината, и насекаде до каде што нè има по светов, за да можеме да се одбраниме од сите што ја порекнуваат македонската посебност и сето она што нам ни припаѓа, или се обидуваат со сомнителни статистики да го намалат, па дури и сосема да го избришат многувековното присуство на Македонците по македонската земја, и во минатото и во сегашноста, велат во велигденското послание од МПЦ.

По две години со ковид протоколи, верниците ги исполнија храмовите без никакви рестрикции. За себе и своите најблиски, но и за сите луѓе во светот се молат за здравје и мир.

Верниците кои се воздржувале од мрсна храна во 48-дневниот пост се причестија од сребрената лажичка односно ја примија светата причест-телото христово и неговата крв.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста