Православните верници го слават Бадник
Гласот на дечињата кои со коледарска песна го најавуваат раѓањето на Христос оваа година се слушна само од најупорните. Под маски ја испеаја коледе леде и ги посетија само најблиските и да разбудат радост кај домакините.
И пред соборниот храм Св. Климент Охридски верниците не се откажаа од традицијата, ама дисциплинирани, на растојание и претпазливи. Не се пееја ни бадниковите поворки од коледарите. Деновиве ќе ги поминат во кругот на семејството.
Единствено не изостана предавањето на бадникарскиот ќуп со гранчиња од стариот на новиот кум. Годинава кумството го презеде др.Никола Пановски. Заедно со здравичарот традиционално со пајтонот наместо кон Водно се упатија кон своите домови.

- „Одиме на подобро. Секој ден ќе биде полесен од претходниот. Само уште малку трпение да не ја расипеме работава на крај. Имаме поубава година и до година да се собереме како што приличи на секој Бадник“, истакна Пановски.
И Македонската православна црква се прилагоди на новите услови кои ги донесе пандемијата. Ги немаше масовните литургии, а бадниковите гранчиња се делеа на влезовите на храмовите.

- Ги почитуваме сите тие мерки, тука беа и луѓето од државата да ги поддржат сите тие работи, и бадникарите беа, тие поделија маски со бадникови гранчиња така да нема нешто што би рекле да ни го сруши самиот празник Бадник и Божиќ затоа што верата е поголема и она ќе направи овие денови да дојдеме во црква – вели Отец Сашо.
Православните верници вечерва ќе седнат на посна трпеза, со кругот на семејството, за да го одбележат последниот ден од строгиот божиќен пост. Традиционално, се крши лепче со паричка, а се верува дека оној кому ќе му се падне ќе го прати среќа во текот на целата година.