Православните верници го празнуваат Водици без традиционалните собири

Бог се јави-Навистина се јави!

Без традиционалното скокање по крстот Богојавлението се дочека годинава. Поглаварот на МПЦ ја испрати пораката од црквата „Рожество на Пресвета Богородица“ во Скопје. Големиот празник ни ја објаснува целта на Хритовото доаѓање како син божји, како вистински богочовек, тајната на кршевањето, но и на покајанието и на исповетта.

  • Ако знаеме што учи нашата света вера и помалку ќе грешиме, а ако грешиме ќе знаеме и да се покаеме. Еве од каде и да тргнеме, од семејството, од соседството, од работно место, од меѓупартиското живеење од секаде и насекаде се гледа што е поголемо во нас – љубовта или омразата, верата или неверието, слогата или неслогата, вистината или невистината, подготвеноста или неподготвеноста да си простиме и да се помириме или не. Дури и на непријатели и на подалечни ќе им простиме и ќе им подадеме рака, што е и добро, но на блискиот, на братот свој не можеме да му простиме. Е тука навистина има место за загриженост и, секако, потреба да се сфати и местото и улогата на покајанието, а со тоа и на исповетта кои се неодвоиви од практиката на вистинскиот христијански живот. Како црква и духовни пастири должни сме постојано да повикуваме кон покајание, кон исповед и кон помирување, зашто кој не може да се помири најпрвин со себе си и со братот свој, како ќе се помири со Бога, рече поглаварот г.г. Стефан.

По завршувањето на литургијата го изврши осветувањето на водата во црквата. Осветенa беше и водата на реката Вардар во главниот град. На овој ден во реките и езерата се положува светиот крст кој годинава изостана. Се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

  • На денешен ден го празнуваме празникот Богојавление, кој исто така е господов празник, кој во нашите краишта е пропратен и со традицијата за положување на светиот крст во водите и осветување на сите води. Но за жал еве денеска поради ситуацијата во која што се наоѓаме, не само ние туку целиот свет, овие традиции се прекинати за момент, рече ОТЕЦ СПАСЕ ТАКОВ.

Присутните верници, во многу помал број од претходните година дојдоа да се помолат и да запалат свеќи за здравје и берикет и се придржуваа кон мерките за заштита од корона вирусот. Дел од нив разочарани бидејќи годинава изостана фрлањето на крстот во осветените води.

Празникот Богојавление се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста