Правда за Гоце – мото протест против условната казна за сообраќајката кај Млечен
Револтирани од судството и како што велат несоодветните и селективни судски пресуди моторџиите излегоа на улица. Под мотото „Правда за Гоце“ се одржа мото протест низ скопските улици кој заврши пред зградата на Основен суд. Поводот за овој протест е тоа што Советот на јавни обвинители ја одби претставката на Наташа Димитриевска, која во сообраќајката кај Млечен пред три години го загуби својот сопруг и своето неродено бебе. Васил Чорбаџиев, судски прогласен за виновен за смртта на мотоциклистот Гоце доби само условна казна.
Советот на јавни обвинители и стручниот колегиум на Вишо јавно обвинителство Скопје на толку образложена претставка тие ми кажаа дека обвинителката постапила законски и согласно прописи. Тоа е срамно за оваа држава – изјави Наташа Димитриевска.
Моторџиите испратија порака до судовите и обвинителствата да се преиспитаат зошто носат неказниви одлуки. Бараат да се задоволи правдата за сите кои настрадале во вакви тешки сообраќајни несреќи.
Овој мото протест е организиран со цел да се извести јавноста и институциите во земјава дека се случуваат неказнети сообраќајни незгоди со фатални последици – изјави мотоциклистот Владо Мартиновски.
Мотоциклистите реагираат дека изминативе години сме сведоци на многу случаи во кои гинат невини луѓе, а одговорните лица не ја добиваат заслужената казна. Изрекување условна казна за виновникот во сообраќајката кај млечен според нив е недозволива судска пракса. Протестот истовремено беше и апел до апелационите судови, вклучувајќи ја и скопска Апелација, уште еднаш да ја преиспитаат пресудата.
Адријана Алексиеска