Правда или политички прогон – Правниците критикуваат, полицијата трага по Панчевски

Полицијата не го пронашла судијата Владимир Панчевски на домашна адреса откако велешкиот суд му одреди мерка притвор. Од МВР потврдуваат дека трагаат по судијата и дека ќе биде приведен кога ќе бидат создадени услови, односно кога ќе биде лоциран.
Во меѓувреме правните експерти обвинуваат за политичка позадина на одлуката за притвор.Професорката Тања Каракамишева Јовановска на Фејсбук го повика велешкиот судија кој одреди 30 дена притвор за поранешниот претседател на скопскиот кривичен суд да објасни според кој закон постапувал. Професорката смета дека за такво нешто нема основа бидејќи Панчевски ниту еднаш не бил уредно поканет да присуствува на судски рочишта. Каракамишева објави делови од закон во кои се објаснува постапката за доставување покана за суд и процедурата за приведување.

“Мерката притвор се изрекува ако другите мерки за обезбедување на обвинетиот не дале резултат. Владимир ниту одбил да прими покана, ниту бегал, ниту можел да влијае на процесот, ниту го напуштил живеалиштето. Тогаш зошто најстрога мерка од 30 дена притвор? Зошто? Потребен е сензационализам пред избори, потребен е трас-трас политички прогон”, вели Каракамишева.

Панчевски е обвинет за злоупотреби на АКМИС системот за управување со судските предмети во кривичниот суд. Обвинителниот предлог против него беше поднесен пред една година, а до сега главната рарправа не е започната. Велешкиот суд му одреди притвор бидејќи не се појавувал на рочиштата.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста